Светот алармантно почна да потонува во пластика, загушувајќи ја Планетата. Бројките на годишно ниво  доволно говорат за состојбата со која сме соочени- Европјаните создаваат 25 милиони тони пластичен отпад- пластика претставуваат повеќе од 80% од морските отпадоци се закана за преживување на животинскиот и растителниот свет, и оттука и нам, но свеста за нивно рециклирање е на загрижувачко ниво- помалку од 30% се собираат за преработка.

Европскиот Парламент во март оваа година повлече потег со кој се најавува ставање крај на загадувањето на животната средина- од 2021 година се забранува еднократно користење на пластика (https://www.europarl.europa.eu/news/en/press-room/20190321IPR32111/parliament-seals-ban-on-throwaway-plastics-by-2021).

Тоа подразбира неколку производи кои целосно се исфрлаат, произведени од пластика: “прибор за јадење, чепкалки за уши, цевки за пиење и мешалки за пијалоци,  полиестерски чаши за еднократна употреба и оние направени од –разградлива пластика кои се распаѓаат во мали парченца”. Потоа, според најавите, следуваат европските мерки за намалување на употребата на пластични контејнери за храна и пластични капаци за топлите пијалаци, а до 2025 година, пластичните шишиња треба да се направат од 25% рециклирана содржина, додека до 2029 година 90% од нив треба да се рециклираат.

Според проценките на Европската Комисија, “производите што се опфатени со овој нов закон претставуваат 70% од сите предмети – отпад во морскиот свет. Поради својата бавна стапка на распаѓање, пластиката се акумулира во морињата, океаните и на плажите во ЕУ и во светот. Пластични остатоци се наоѓаат во морски видови – како што се морски желки, туљани, китови и птици, но исто така и во рибите и школките, а со тоа и во човечкиот синџир на исхрана”.

Зошто пластиката е опасна

Има неколку фактори (https://plasticpollutioncoalition.zendesk.com/hc/en-us/articles/222813127-Why-is-plastic-harmful), што ја прават пластиката сериозна опасност за опстанокот на човечкиот род, на животинскиот и растилетниот свет- низ децениите тие се предмет на опсежни научни истражувања, анализи и сознанија, кои доведуваат до безмилосно решение за пластиката- затоа што сме ставени пред свршен чин. Или таа- или светот, беше прашањето, заради што критиките се упатени  кон политичките елити кои пребавно реагираа на очајничките повици на научниот свет да се сопре со производство на пластика, додека не стане предоцна.

Најпрво, научните студии покажуваат дека “пластиката никогаш не исчезнува- тоа е материјал произведен со цел да трае вечно, но иронијата е во тоа што дури 33 проценти од сите пластични шишиња за вода, кеси и сламки за пиење – се користат само еднаш и се фрлаат, можеби заради хигиенски причини, но последиците подоцна се далеку подалекусежни. Она што ја прави понатаму опасна пластиката е фактот што не може да се биоразгради; се распаѓа на помали и помали парчиња, но тие никогаш не исчезнуваат, потребно е премногу време за да се чека таков процес”. (https://www.sciencedirect.com/science/article/pii/S1074552109000076)

Од самата пластика “излегуваат токсични хемикалии и се наоѓаат во крвта и ткивото на речиси сите од нас. Но, она што е алармантно е што изложеноста кон нив е фактор за смртност- поврзана е со рак, раѓање на дефекти, нарушен имунитет, ендокрини нарушувања и други заболувања. Две широки класи на хемикалии поврзани со пластика се од клучна грижа за здравјето на луѓето – бисфенол-А или БПА, и адитиви кои се користат во синтезата на пластика, кои се познати како фталати”. (https://biodesign.asu.edu/news/perils-plastics-risks-human-health-and-environment) Следниот фактор се водата и почвата- пластиката “ја контаминира подземната вода преку почвата, ако знаеме дека под депониите се испуштаат токсични хемикалии од пластика и стигнуваат во подземните води, течејќи низводно во езерата и реките”. (https://royalsocietypublishing.org/doi/full/10.1098/rstb.2008.0311#ref-3)

Пластиката сама по себе претставува опасност, но ланчано, таа привлекува други загадувачи: “хемикалиите во пластика кои им даваат нивната крутост или флексибилност (успорувачи на пламен, бисфеноли, фталати и други штетни хемикалии) се отрови кои одбиваат вода и се држат до објекти базирани на нафта, како што се пластичните остатоци и со тоа  токсичните хемикалии кои излегуваат од пластиката можат да се акумулираат на други пластика”.

Пластичните остатоци што ги затрупуваат светските океани може да се  илустрира со примерот на рибата- таа е “изложена на мешавина од полиетилен со хемиски загадувачи апсорбирани од морската средина, и страдаат од токсичност и патологија на црниот дроб”. (https://www.nature.com/articles/srep03263)

Дивиот свет исто така е загрозен- или “ се заплеткани во пластика, или ја јадат, сметајќи дека се работи за храна и понатаму, ги хранат  своите млади”. Koга се прават научни пресметки, во океаните “ пластичните остатоци го надминуваат зоопланктонот со сооднос од 36 до 1. Над 260 видови, вклучувајќи безрбетници, желки, риби, морски птици и цицачи или внеле или се заплеткале во пластични остатоци, што резултира со нарушено движење и исхрана, намалено репродуктивно производство, лацерации, чиреви и конечно-смрт” (https://royalsocietypublishing.org/doi/full/10.1098/rstb.2009.0053).

Трупањето на пластиката во животната средина се мери со стотици тони, жителите на Земјата едноставно ја фрлаат, а само неколку проценти одат на рециклирање, додека “остатокот завршува во депониите, се изгорува или станува отпадоци” (https://journals.plos.org/plosone/article?id=10.1371/journal.pone.0111913).

Пластиката всушност ја труе нашата храна, или генерално целокупниот синџир на исхрана, затоа што “дури и планктоните, кои се најситните суштества во океаните, всушност ја апсорбираат микропластиката, но тоа подразбира хранење со опасни хемикалии. Малите, распаднати парчиња пластика ги изместуваат алгите кои се потребни  за да се одржи поголемиот морски свет кој се храни со нив”, а оттаму, во вид на домино ефект, страдаат и човекот, животните и растенијата. (https://citeseerx.ist.psu.edu/viewdoc/download?doi=10.1.1.460.1971&rep=rep1&type=pdf)

Конечно, финанските последици се “несогледливи- се калкулира со милијарди долари кои се губат, но вртоглави се бројките за да се прецизираат- загадувањето од пластика значи уништување на здравјето на луѓето, на животните, рибите и птиците, што е погубно финансиски. Понатаму, се уништуваат и останатите сфери- бизнис, туризам, трговија, рекреација, забава (https://www.unenvironment.org/newscentre/default.aspx?DocumentID=2791&ArticleID=10903#sthash.vwNupBSY.dpuf).

Има ли Македонија стратегија за пластиката

Дали земјава има еко-стратегија за исфрлање од употреба на пластиката е прашање кое има два одговори, судејќи според ставовите на власта и невладиниот сектор- Ана Каранфилова-Мазневска од Министерството за животна средина и Анонио Јовановски од невладината Go Green (дебатата од видеото е подолу во овој текст). Двајцата нудат различни одговори- Јовановски одлучно вели “не”, додека Мазневска детално ги објаснува плановите, за кои се уште постојат сомневања и непознаници “дали ќе бидат донесени и потоа и имплементирани.

Сепак, судејќи според одговорот на Мазневска, не постои навистина крајна забрана за еднократната употреба на пластичните производи,  на оној начин како што Европа ги зацрта роковите:

“ Со новиот Предлог текст на Законот, се забранува лесните пластични кеси за транспорт на стоки да бидат достапни на пазарот, доколку тие не се платат.  Има еден исклучок- се дозволува да се прават достапни на пазарот 100% биоразградливи пластични или хартиени кеси за транспорт на стока кои нема да се наплаќаат на граѓаните, со исклучок на оксо-биоразградливи и оксо разградливи производи.

Цената која треба да ја платат крајните корисници и потрошувачи за пластична кеса за транспорт на стоки изнесува 10 денари / парче и се плаќа на трговецот на мало на местото на продажба.

Подоцна, трговците имаат должност да ги евидентираат продадените кеси, а сумата да се пренесува на посебна сметка на име на одредена државна институција, која е надлежна за вршење на работите од областа на животната средина.

Минималната количина на отпад од пакување во килограми што секој производител е должен да ја собере според години:

- 2020 – 55%
- 2021 – 60%
- 2022 – 65%
- 2023 – 70%
- 2024 – 75%
- 2025 – 80%

– до крајот на 2020, најмалку 60% од тежината на пакувањето кое е направено достапно на пазарот во една година во Република Северна Македонија кои треба да се преработи со операции на третман на отпадот или операции на преработка на енергија;

– до крајот на 2020, рециклирање на најмалку 55% и најмногу 80% од тежината на пакувањето кое е направено достапно на пазарот, а кое е создадено на територија на Република Северна  Македонија;

– до крајот на 2020, рециклирање на следните количини на отпад од пакување:

-(i) 40 % од тежината за стакло;

-(ii) 70 % од тежината за хартија и картон;

-(iii) 50 % од тежината за ferrous metals;

-(iv) 30% од тежината на обоени метали;

-(v) 40 % според тежината за пластика, со тоа што се зема предвид само материјалот кој е рециклиран назад во пластика;

-(vi)         20 % според тежината за дрво.

Во законот се предлага да забраната за употреба на производи изработени од пластични материјали за една употреба  (пластични сервиси за јадење за една употреба , пластични чашки, цевки, чепкалки за уши итн.) стапи во сила од 2025 година. Но, сепак ова дополнително ќе се расправа со бизнис заедницата.

Јовановски вели дека воопшто нема стратегија за справување со пластичниот отпад, наведувајќи дека . “треба да се донесе Планот за превенција на отпад каде би се пропишале повисоки цени за пластичните кеси и пластиката генерално”. Сепак, ставот на оваа невладина организација се чини дека е идентичен со државната стратегија- да се поскапат пластичните кеси, додека нивната визија е идеал за кој развиениот дел од светот се залага- “постепено да се исфрлат од употреба целосно”, за кој во Македонија, ако се имаат во предвид државните институции и воопшто не се говори.

Практично, ова е некаков минимален почеток за имплементирање на европските стратегии и директиви, а Јовановски дури смета и дека македонските цели се се поамбициозни во согласност со ЕУ, но критиката останува кога се става на маса имплементацијата и одговорноста.

Јавните кампањи како што вели Мазневска се планирани за зајакнување на секторот за комуникација со јавноста  и подготовка на промотивни материјали за подигнување на свеста кај граѓаните за заштитата на животната средина, а “самото законско решение предвидува дека регионалните единици за управување со отпад,  општините, и колективните постапувачи за управување со отпад се должни, на соодветни локации, да ја информираат јавноста за адресите на центрите за собирање на посебни текови на отпад (од пакување, отпадна опрема, отпадни масла итн.) на  територијата на таа општина, градот Скопје или општините во Скопје кои се вклучени во системот за постапување со отпад од пакување или за локацијата на собирните места за отпадот од пакување.”

Јовановски вели дека неговата Go Green постојано е во кампања за кревање на свеста- се организираат неформално образование, семинари и обуки за млади луѓе, акции за чистење – следната е 7 јуни во Крушево, потоа 21 септември цела Македонија. Сепак, тој оди длабински, говорејќи за неопходноста од “суштинско интегрирање на оваа тема во образовниот процес и конзистентност во едукацијата на најмладите и учениците за селекција на отпадот, одговорност кон околината и свесност за последиците доколку не се применуваат овие акции”.

Биљана Секуловска
 
Со овој текст НОВА ТВ се приклучува на кампањата од јавен интерес за подобра животна средина „Не игнорирај! Реагирај!“ што ја спроведува Институтот за комуникациски студии и е финансирана од Британската амбасада во Скопје. Текстот е првично објавен ТУКА.