gazi-baba.jpg

Урбанизацијата и загадувањето опасност и за живиот свет во градовите

Загубата на зеленилото во градовите не е проблем само на луѓето туку и на сиот жив свет во нив, кој се бори и со загадувањето на воздухот, водата и почвата. Од друга страна, пак, човекот е тој што владее во градските области, во кои живиот свет на свој начин се бори со сѐ за да опстои. Во вакви услови на урбана експанзија и згуснување на населението се јавува потребата од ефикасно планирање и управување со биодиверзитетот и екосистемските услуги, бидејќи тие можат да ја подобрат човековата благосостојба. Ако врската за опстојување и подобар живот е заемна, човекот ова не смее да го занемари. Луѓето мора да се трудат и да го одржуваат сиот тој свет во урбаните средини, мора позитивно да влијаат и да ги обезбедат живеалиштата на флората и фауната во градските области. Европската Унија е во процес на развивање стратегија за зелена инфраструктура за заштита на биолошката разновидност и екосистемските услуги. Многу сфери се опфатени директно од биодиверзитетот, како на пример воздухот, водата, храната. Биодиверзитетот на глобално ниво е нападнат, а причината за таквиот напад е самиот човек и неговите постапки.

Човекот е тој што владее во градските области, во кои живиот свет на свој начин се бори со сѐ за да опстои. Во услови на урбана експанзија и згуснување на населението се јавува потребата од ефикасно планирање и управување со биодиверзитетот и екосистемските услуги, бидејќи тие можат да ја подобрат човековата благосостојба, па оттаму ова не смее да се занемари

 

Биолозите сметаат дека може да се направи многу за да се поттикне урбаната биолошка разновидност, како на пример намалување на сообраќајната бучава, или конкретно лоцирање на просторот за природни резервати.

– Урбанизацијата и градските средини директно влијаат врз квалитетот на живите суштества и не сите од нив лесно се приспособуваат кон тоа. Во градовите, живите организми се соочени со различни видови загадувачи. Силните градски светла и реклами особено им штетат на ноќните жители како што се инсектите и лилјаците, а загадувањето, звукот и бучавата негативно влијаат врз животот на птиците и на малите цицачи – објаснува Кирил Арсовски, биологист ентомологист.

Живиот свет што ги населува градските подрачја се нарекува урбан биодиверзитет. Тој се формира според климатските услови кои доминираат во одреден регион. Во овој тип биодиверзитет доминираат космополитските видови, односно видови кои населуваат поголем географски простор. Во некои делови на светот, урбаниот диверзитет може да биде поголем во споредба со оној од околните екосистеми, затоа што во него се наоѓаат многу украсни растенија во пејзажното уредување.

Според Арсовски, во Скопје најголемо влијание врз биодиверзитетот има огромната загуба на градското зеленило и старите дрвја. Поради тоа, животните ги губат нивните живеалишта, а тоа, пак, ги принудува да го напуштат градот и да се населуваат во погорните делови како Водно, Скопска Црна Гора или јужно кон Скопско Поле.
– Во Скопје сѐ уште постојат мали центри на биодиверзитет кои се последни упоришта. Тоа се Градскиот парк, Гази Баба и делот на Скопско Кале. Пример за тоа е што само во Градски парк може да се сретнат над 90 вида птици и околу десетина вида влечуги и водоземци, додека на Гази Баба дури може да се сретнат ретки или загрозени видови габи и инсекти – вели Арсовски.

Биодиверзитетот е најсложената карактеристика на нашата планета, а истовремено и најважна. Без одредени растителни и животински видови животот на планетата не би можел да опстои, како што се пчелите што вршат опрашување на растенијата, а во последните неколку години се подложни на масовно изумирање.


Живиот свет во градовите малку е истражуван

Не може, а да не се спомене големата заслуга на холандскиот амбасадор во Македонија, Ваутер Пломп, за неговиот мониторинг на птиците во последните четири години. Тој самиот е пасиониран набљудувач на птиците и поседува големо познавање за нив, па оттаму можеби е и верен соработник со Македонското еколошко друштво. Во неколку наврати има направено детален мониторинг на птиците во Скопје и по течението на реката Вардар.

– Интересно за истражување на урбаниот биодиверзитет е тоа што ни кажува во какви услови всушност живееме. Во Скопје се правени неколку истражувања за неколку подрачја, како што е на пример паркот во Гази Баба. Низ Скопје поминува и се наоѓа и миграциска рута на птиците во пролет и само во Градски парк имаме стотина видови птици – вели Ксенија Путилин од Македонското еколошко друштво.

Од Друштвото додаваат дека во последно време, во големите градови низ целиот свет е подигнато нивото на свесност за тоа дека самите граѓани можат да бидат истражувачи. Постојат апликации за мобилни телефони кои помагаат граѓаните да бидат истражувачи и да одредат за кој вид животно или растение се работи, а исто така има апликации кои ги собираат овие податоци и прават мапи. Граѓаните самите пријавуваат што гледаат, најчесто во нивните дворови и на еден начин се градат големи бази со податоци за биодиверзитетот во градовите.

– Нашите истражувања досега биле фокусирани на поголеми подрачја кои не се наоѓаат во градските средини. За биодиверзитетот во Македонија недостигаат толку многу истражувања, а толку малку научници работат на тоа, што за жал, урбаните средини се запоставени, многу малку е истражувано што има точно во градовите од биодиверзитет – објаснуваат од Македонското еколошко друштво.


Птици и инсекти се најголем дел од биодиверзитетот во Скопје

Зголемувањето на населението и експанзијата на градовите јасно покажува дека уништувачи на биодиверзитетот се самите луѓе. Станбените и индустриските зони, сечењето на шумите, ловот и риболовот, како и загадувањето се главните уништувачи на многу растителни и животински видови. Најголемиот дел од биодиверзитетот во Скопје отпаѓа на птиците и инсектите. За среќа, сѐ уште не е целосно уништен. Во принцип, колку градовите се поголеми, толку помалку биодиверзитет има во нив. Во побогатите маала, истражувањата покажуваат дека има повеќе биодиверзитет, бидејќи има пораскошни градини, зелени површини и повеќе животни, а во посиромашните, каде што е поурбанизирано, нема доволно биодиверзитет поради полошиот квалитет на воздух, вода и почва. Во борбата против глобалното загадување, животните и растенијата, исто како и луѓето, директно се засегнати и се во постојана опасност. Време е човекот да не се става самиот себеси на врвот на секоја пирамида и да разбере дека заедно можеме да ги делиме благодатите на мајката Земја. Ако се потрудиме можеме да се избориме да не завршиме како последно битие на планетата што ќе живее во бескрајно поле од згради и сивило.

Вања Таневски

Со овој текст весникот „Нова Македонија“ се приклучува на кампањата од јавен интерес за подобра животна средина „Не игнорирај! Реагирај!“ што ја спроведува Институтот за комуникациски студии, а е финансирана од Британската амбасада. Текстот е првично објавен ТУКА.