Иако Општина Демир Хисар е еден од најубавите региони во Македонија, со голем број на шумски и водни богатства, сепак човечкиот фактор и негрижата успеале максимално да го загадат и овој предел.
Поради тоа што од 40 населени места само во 4 се собира организирано сметот, жителите поради немање на доволно еколошка свест, а и поради немање на канти за отпадоци и контејнери ѓубрето го фрлаат во реките. За промена на оваа состојба денеска во село Слоештица се организираше еко акција.
„За жал луѓето кога ќе ги прашате „Каде го фрлате ѓубрето?“ тие велат па во реката, ќе го оденесе таа. Овие реки не се се само селски, туку се на целиот свет, на цела Македонија. Сите води се поврзани и тоа ѓубре кое го фрламе нас ни се враќа“, истакна Ирена Андреевска, претседател на Меѓународниот центар за уметност и одржлив развој „Арт Поинт - Гумно“.
Цели планини од отпад се наоѓаат во и покрај реките каде пак живеат ендемични видови како пелагониска пастрмка и речниот рак, како и друга флора и фауна која ја има се помалку. Сите овие реки се вливаат во Црна река која ја наводнува Пелагонија. Жителите бараат засилени инпекциски мерки.
„Во минатото постоеше санитарен инспектор, се сеќавам како дете, се викаше Стојче. Носеше едно ташниче црно и кога тој ќе поминеше по селава тука на мештаните им се тресеа коските, да не случајно некого запиши во тефтерчето. Тогаш се беше беспрекорно чисто, имаше риби во реките“, кажа Гоце Димоски, роден во Слоештица, кој денес живее во Скопје.
За да се спречи понатамошна катастрофа од општината најавуваат поставување на контејнери и канти за ѓубре во сите села преку проект на УНДП.
„Имаме намера во сите села да се постават контејнери и секој жител на добие корпа за отпад и тој да се собира организирано“, изјави Марјанче Стојановски, градоначалник на Демир Хисар.
Инаку денешната еко акција ја организираше Меѓународниот центар за уметност и одржлив развој „Арт Поинт - Гумно“ од Слоештица, во соработка со Институтот за комуникациски студии како дел од кампањата „Не игнорирај! Реагирај!“.
Дарко Штарговски
Текстот е преземен од Сител Телевизија.