Двете депонии со линдан во кругот на поранешниот хемиски гигант ОХИС, предупредувањата на еколозите и на научниците на опасноста од овие недоволно заштитени депонии, проектите за отстранување на овие купишта отров не се доволни за државните органи да интервенираат во слободното издавање на деловниот простор од страна на новите сопственици.



Компанијата „ЕСС корпорејшн“ (капитално поврзана со „Охис хемиски инженеринг“) од пред година и пол стана нов сопственик на поранешен ОХИС. Никој од оваа компанија не одговори на прашањата на МКД.мк дали при издавањето на деловниот простор во кругот на фабриката ОХИС, некој ги информира новите сопственици дека тука има опасен по здравјето на луѓето отпад од 30.000 тони линдан и дека е можно воздухот да е загаден, почвата да е затруена, а водите од бунарите непитка. Од „ЕСС“ ветија, но после неколку наши мејл и СМС пораки се предомислија и не одговорија на нашите прашања.

Според документот Анализа за проценка на ризикот од отстранување на техничките и економските бариери за почеток на активностите за чистење на депониите, изработена од „Емгриса“, компанија за управување со индустриски отпад, наведено е дека покрај работниците во фабриката за производство на чевли (чиј погон е најблиску до една од двете депонии- н.з.), под голем ризик од изложеност се и лицата кои работат во гаража на камиони и сервис за одржување, фабрика за галванизација, складирање на апарати за гаснење на пожар и продажен објект, објектот за производство на канабис и неколку канцеларии. Исто така постои изложеност и на чуварската служба. Главно тоа се фирмите Унитрејд 2012 за рециклирање отпад, ОХИС ПВА фар, ОХИС Филком, Це-медика, НИСК холдинг, Хемиски инженеринг, Визард ентериери, Чече, Трејс аналитикс, Европа ДООЕЛ хемиски инженеринг...

Надвор од кругот на фабриката најблиските рецептори се работниците од трговските објекти лоцирани на булеварот „Борис Трајковски“, наспроти влезот во ОХИС, ресторани, комерцијални објекти, работилници, жителите на најблиските куќи лоцирани на север од местото и земјоделските работници.
Во Анализата се наведуваат голем број на итни краткорочни и долгорочни мерки за превенција на вработените во овие погони. Анализата за проценка на ризикот е објавена на веб-страницата на Канцеларијата за неразградливи органски загадувачи (ПОПс) една од институциите кои ги координираат активностите за чистењето на депониите со линдан.

Ако и кога ќе почнат активностите за отстранување на линданот (планирано е малата депонија да почне да се отстранува до крајот на годинава - н.з.), ниту еден од погоните кои функционираат во тој дел од дворот на ОХИС не може да продолжат со работа таму поради ризикот од вдишување на честички и испарувања без разлика на мерките кои ќе бидат преземени за намалување на нивното ширење, стои во Анализата.



Невладиното здружение О2 Иницијатива неодамна потсети на владините планови за отстранување на линданот. „Јули тече, уште нема никаква информација од генералниот секретар Драги Рашковски, од Владата на Република Северна Македонија до каде сме со отстранување на линданот, живата и другите опасни и токсични супстанции од бројните депонии на ОХИС. Драги Рашковски го води процесот за конечно решавање на проблемот со линданот од ОХИС, член е на работната група за решавањето на овој проблем формирана во мај 2018. Тој минатиот декември изјави дека ќе се чистат двете депонии истовремено и големата и малата. Чистењето ќе чини помеѓу 40 до 260 милиони евра во зависност кој метод ќе се избере. Од три до пет години ќе трае процесот на чистење на двете депонии.

Во декември 2018 Владата потпиша меморандум за соработка со Канцеларијата за услуги на проекти на Обединетите нации (UNOPS) и со Министерството за надворешни работи на Кралството Норвешка, за чистење на токсичниот отпад – линдан – во поранешната фабрика ОХИС и формирање на заеднички Фонд за таа цел.

Колку средства се собраа за отстранување на линданот од ОХИС? Која метода ќе се користи?

Малата депонија во оптимистичко сценарио на есен ќе почне да се чисти од линданот и другиот опасен отпад. Големата кога ќе почне? Нели истоврмено ќе се чистеа?

Владата минатиот август донела одлука да се формира комисија која ќе работи на утврдување на веродостојноста на информацијата за можноста да има дива депонија на линдан надвор од кругот на фабриката ОХИС, во Пеленица, која уште од 2008 година се појавува во ЛЕАП-от на општина Кисела Вода и потребата да се испита со оглед дека и ОХИС и стаклара депонирале опасен отпад тука. Во декември МОН под притисок на јавноста и медиумите забрани екскурзии на ученици во Пеленица.

Депонијата во Пеленица се ветуваше дека до Нова Година ќе се огради како ризична зона. Тендерот се објави дури на 22 март, за жичана ограда да се постави после два месеца. До пред месец и пол немало никакви табли со предупредување дека се работи за локација со опасен отпад и забрана за влез. Дали во меѓувреме се поставени, нема информацијаСе смета дека има и трета депонија во кругот на фабриката ОХИС, покрај големата и малата.

Кога ќе се почне со потребните анализи во Пеленица и за третата депонија во ОХИС? До кога ќе се чека на прелиминарните првични анализи“, предупредуваат и прашуваат невладините организации.

А.Д.

Со овој текст, МКД.мк се приклучува кон кампањата за подобра животна средина „Не игнорирај! Реагирај!, што ја спроведува Институтот за комуникациски студии и е финансирана од Британската амбасада во Скопје Текстот е првично објавен ТУКА.