Јане Димески

Скопје само во 2018 година од својот водовод изгубило 13.665 олимписки базени питка вода. Можете да си замислите како би изгледале илјадници базени наредени еден до друг? Ќе изгледаат како езеро, како море.

Крцка тревата во парковите. Сува е и потпукнува кога ќе ја нагазите. Како да одите по сено. Дрвјата покрај улиците се жолти како во доцна есен, а сликата е од септември. Нема заврнато три месеци. Сув е секој простор што не е опфатен со системите од прскалки кои ги има меѓу скопските станбени блокови. Вардар е значително намален. Населбите кои се на повисоко имаат рестрикции за вода во попладневните часови. Соседите се гледаат попреку ако тие што се поблиску до бунарите или до водоводот трошат многу и со тоа не оставаат за другите.

Од градската управа велат дека летово е суша каква немало подолго време и се штеди на водата. Затоа не се полеваат сите површини. Сега е 2019 година. Да се навикнеме на ова. Во следните години и декади ова ќе биде нормално. Вода ќе има помалку. Климата се менува во светот, па се менува и кај нас.

Што велат нашите научници за промените на климата во Македонија

Според Вториот национален план за климатски промени од 2008 година, средната температура во Македонија ќе се зголеми за 1 степен целзиусов до 2025, за 1.9 степени целзиусови до 2050 и ќе продолжи да се зголемува до 2100 година. Летата ќе бидат уште потопли, а зимите поблаги.  Летата ќе бидат со помалку врнежи. Врнежите низ годината нема да бидат распоредени како што беа до скоро. На пример, наместо да врне повеќе денови со помал интензитет, се очекува сега количината вода да паѓа одеднаш во поројни дождови, па потоа да има подолг период на суша. Тоа ќе донесе и почести поплави зашто земјата нема да може да ја впие водата. Како поплавата во Стајковци кај Скопје или поројот во Мала Речица и Шипковица на Шар Планина.

Се очекува врнежите да се намалат за 15 проценти до 2050 година и да има помалку вода во сите речни сливови, а особено во брегалничкиот и струмичкиот регион. Достапноста на водата во Македонија може да се намали за 18 проценти до 2100 година, а недостигот на вода ќе биде најизразен во источните делови од земјата. До крајот на векот се очекува и Вардар да се намали за 20 проценти, а и нивото на подземните води во сливот на реката. Сливот на Брегалница ќе претрпи најголеми промени и се проценува дека ќе загуби четвртина од водата до 2100 година.

На пониските планини на кои досега вообичаено имаше снежна покривка, во иднина почесто ќе врне дожд отколку снег. Тоа значи дека водата нема да се задржува на планините како снег и да се топи постепено во пролет, туку наеднаш ќе истекува. Тоа почесто ќе предизвикува ерозија и лизгање на земјиштето. Ќе се губи плодно земјоделско земјиште, во лоши случаи и куќи, а во најлоши и животи.

Фото: Суво корито на реката Вардар. Извор: ako.mk

Први жртви ќе бидат земјоделците и храната

Тука е и големата приказна. Покрај тоа што ние во градовите ќе имаме уште помалку вода за наводнување на зеленилото и бавчите, главната штета ќе биде кај земјоделците и проиводството на храна. И тоа во регионите каде што најмногу се произведува.

Според податоците од последниот попис, во земјава има повеќе од 192 илјади семејни фарми кои учествуваат со околу 16 проценти во БДП на државата. Како што се вели во Третиот национален извештај за климатски промени, земјоделството овозможува вработување на 36 проценти од работоспособното население. Значи илјадници луѓе.

Од целата земјоделска површина на која овие луѓе работат, само 10 проценти се наводнува преку некакви системи за наводнување. Сето останато, значи 90 проценти, зависи од природните врнежи. Поради ова, проценките велат дека, на пример, родот на јаболката во Ресен до 2050 година може да падне на половина. Родот на грозјето во Повардарието, исто така, може да се преполови во истиот период. Родот на доматот може да падне и до 80 проценти до 2050 година. Кај многу култури ќе се поместат периодите на вегетација односно кога цветаат или даваат приноси. Тоа значи дека нема веќе да има кило домати за 30 денари или јаболка за 20 денари, ќе поскапи и грозјето, а со тоа и виното и ракијата.

Тоа ќе има и социјални последици. Чести се сцените од земјоделски протести секоја година поради откупни цени, задоцнети субвенции, распределба на земјиште или затнати канали. Лесно може да се замисли колку повеќе ќе ги има кога ќе ја немаат доволно основната состојка – водата. Протести, повеќе социјални случаи, повеќе пари за увоз на храна.

Фото: Сува нива. Извор: ТВ Тера

Институциите не се подготвени

Прашањето е дали ќе се приспособиме и ќе преземеме мерки додека не е премногу доцна. Експертите во извештаите за климатските промени предлагаат серија потфати кога е во прашање водата, меѓу кои воведување системи за наводнување капка по капка, технологија за користење отпадни води, подобрување на мрежата за следење на површински и подземни води, трошењето и квалитетот на водата и други. Ако се применат, се смета дека последиците од климатските промени ќе се ублажат, а некои култури дури може да имаат и поголеми приноси од сегашните.

Според Третиот национален план за климатските промени од 2013 година, главни актери кои треба да ги преземат неопходните мерки се општинските водоводни претпријатија. Меѓутоа, официјалните податоци покажуваат нивна целосна неприспособеност на климатските промени. Во последниот годишен извештај на јавното претпријатие „Водовод и канализација – Скопје“ се вели дека во 2018 година дури една третина од водата во Скопје или 34.158.252 метри кубни вода влегла во цевките и истекла некаде по патот. Во ивештајот се потенцира и дека прифатлива загуба во еден водоводен систем е до 20 проценти и дека се` што е над тоа е премногу.

Ако се спореди изгубената вода со количината на вода што ја собира еден стандарден олимписки базен (2.500 метри кубни вода), излегува дека Скопје само во 2018 година од својот водовод изгубило 13.665 олимписки базени питка вода. Значи не станува збор за ненаплатена, украдена вода од диви приклучоци или наводнување на градско зеленило, туку за истечена од цевки, од дупки, од зглобови, од секаде. Можете да си замислите како би изгледале 13.665 базени наредени еден до друг? Како езеро, како море.

Извор: Годишен извештај за работата на ЈП Водовод и канализација Скопје

Заедничкото за сите е: поради клмиатските промени во Македонија нема да има доволно вода како што имало досега. Ако нема вода, нема производство, нема храна, нема пари. Ќе има повеќе луѓе со помалку пари и без работа, ќе има поскапа храна. За нас „урбаните“ тоа ќе значи дека ќе треба да одвоиме повеќе пари за да го добиеме она што сега го имаме за помалку пари. Ќе бидеме незадоволни.

Јане Димески e новинар и еколошки активист.

Блогот е изработен во рамките на кампањата за подобра животна средина „Не игнорирај! Реагирај!“ која ја реализира Институтот за комуникациски студии.