solarnite-paneli-mnogu-malku-se-koristat-vo-makedonija.jpg

Производството на електрична енергија, особено од фосилни горива е еден од најголемите предизвикувачи на ефектот стаклена градина. Македонија, како земја во развој, има потреба од поголеми инвестиции во обновливи извори на енергија, преку кои директно ќе се намали зависноста од производството на „нечиста“ енергија. Истовремено, во процесот на намалувањето на влијанието на климатските промени, значајна улога има и постигнувањето на енергетска ефикасност во индустриијата, но и во домаќинствата.

Една од најважните улоги во енергетската транзиција има граѓанинот, вели Антонио Јовановски од невладината организација „Гоу грин“. Тој смета дека еден од најважните чекори кон целосна енергетска ефикасност е граѓаните да бидат и производители, а не само потрошувачи на електрична енергија.

Производството на енергија е една од индустриите кои најмногу продонесуваат во зголемувањето на јаглероден диоксид во атмосферата, пред се`, заради користењето фосилните горива. Искористувањето на потенцијалот на водите, преку изградбата на хидроцентрали, и на сончевата енергија, преку фотоволтаичните системи, не влијае на зголемувањето на ефектот на стаклена градина. Според професорот Димитар Димитров од Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ), еден од најголемите потенцијали за користење на фотоволтаичните системи се домаќинствата. Причините за тоа, првенствено се финансиски, бидејќи поставувањето на модул на покрив е со пониска цена отколку во соларно поле, а на тој начин и не зафаќаат нови површини со плодна земја.
Македонија е една од најсончевите држави во светот, која заедно со Калифорнија има најмногу сончеви денови во текот на годината. Потенцијалот за искористување на сончевата енергија за производство на струја е огромен. Примената на фотоволтаичните системи на глобално ниво зема голем замав, а економската исплатливост, односно повратот на инвестицијата е и под нивото на користењето на фосилните горива. За жал, посочува Димитар Ковачевски од Асоцијацијата на компании за фотоволтаични системи, овој потенцијал многу малку е искористен во Македонија. Во нашата земја има фотоволтаични системи со инсталиран капацитет од 25 мегавати, за разлика од земјите од соседството. Бугарија има 1.200 мегавати, а Грција над 2.500 мегавати инсталиран капацитет.

Намалувањето на потребата за енергија е многу поефикасно и поевтино, отколку изградбата на нови централи за производство на електрична енергија, без разлика дали се работи за обновливи или фосилни извори, смета Игор Панчевски, експерт на ГЕФФ програмата на Европската банка за обнова и развој. Тој информира дека со ГЕФФ програмата се поддржуваат домаќинствата кои сакаат да инвестираат во енергетска ефикаснот и да ги намалат  потребите од енергија. Досега 600 домаќинства инвестирале околу четири милиони евра во замена на прозорци и врати, котли на пелети и на гас, фотоволтаични системи, сончеви колектори за топла вода и топлински пумпи, а најголем е интересот за изолација на фасадите. Според проценките, досега со проектот се овозможени заштеди од девет милиони киловатчасови или 3.300 тони јаглероден диоксид помалку.

Новинарка: Верица Јорданова
Фотограф: Томислав Георгиев
Снимател: Иван Поповиќ

Текстот е изработен во рамките на кампањата за подобра животна средина „Не игнорирај! Реагирај!“ која ја реализира Институтот за комуникациски студии.