Фото: Дарко Андоновски
Македонија има богато културно наследство, кое е комбинација на влијанија од различни народи, култури и традиции и е од непроценлива вредност. Поради ова особено е важно тоа да се заштити и зачува. Тоа, секако, ќе придонесе и за развој на туризмот, кој е важна стопанска гранка што ѝ носи приход на земјава.
Скопскиот акведукт, археолошкиот локалитет Стоби и археолошкото наоѓалиште Плаошник се трите локалитети што се анализирани во извештајот од 2019 година за влијанието на климатските промени врз заштитата на културното наследство. Тој наведува итно дејствување и стратегии за спас на спомениците на културата. Овој извештај е подготвен во рамките на регионалниот проект „Адаптација кон климатските промени во Западен Балкан“ на германското министерство за економска соработка и развој, имплементирани од Програмата за развој на Обединетите нации – УНДП и германското друштво за интернационална соработка ГИЗ, како и министерствата за култура и за животна средина и просторно планирање на Македонија. Според Лујза Винтон, постојана претставничка на Програмата за развој на Обединетите нации – УНДП, културното наследство честопати е занемарено кога станува збор за климатските промени.
Историските градби се изградени во клима различна од сегашната. Токму поради тоа се потребни адаптивни мерки за заштита и зачувување на културното наследство. Ваквите градби се жртва на природните непогоди и услови, а годините на нивното неодржување само го забрзуваат крајот на овие историски локалитети. Затоа и не треба да му се препуштаат на забот на времето. Досега не е истражено како овие градби ќе ги издржат промената на климата и сѐ поекстремните временски настани. Скопскиот акведукт во општината Бутел се наоѓа веднаш зад касарната „Илинден“, а во близината на споменикот тече реката Серава.
Тој е еден од најголемите зачувани акведукти на територијата на поранешна Југославија. Се претпоставува дека неговата изградба датира од времето на римскиот император Јустинијан во 6 век, а според други информации тој е изграден во 15 век, кога Македонија била дел од Отоманското Царство. Познат е и како Јустинијанов акведукт, кој со вода го снабдувал градот Скупи. Акведуктот имал 200 лака, од кои денес се преостанати 55. Според овие две претпоставки, се прифаќа дека голем дел од градбата е изграден или реконструиран во 16 век, а дополнителни цевки биле додадени и во 19 век. Акведуктот се користел до 1914 година и дотогаш редовно бил одржуван. Последен пат е обновен по катастрофалниот земјотрес од 1963 година, кога биле поправени три лака и два столба.
Сегашниот градоначалник на Скопје, Петре Шилегов, неодамна кажа дека од 2018 година било предвидено акведуктот да се врати на туристичката мапа на Скопје. Според него, потребно било да се овозможи пристап што ќе биде уреден во согласност со највисоките стандарди за заштита и промоција на овој културен споменик.
– Конзерваторскиот центар од Скопје ја подготвува документацијата за конзервација и реставрација на скопскиот акведукт. Постапката е во завршна фаза и се очекува процесот да заврши до крајот на 2019 година. Следната година се очекува Конзерваторскиот центар да почне со реставрација и конзервација. Градот Скопје внимателно го следи процесот и е подготвен веднаш штом ќе завршат овие активности да почне со уредување на просторот – велат од градот Скопје.
Спомениците, кои се културно наследство изградено во минатото, не можат повторно да се изградат откако ќе бидат уништени од природните непогоди. Климатските промени примарно ќе влијаат и на акведуктот и ќе претставуваат главна закана за интегритетот на градбата на неколку начини. Најпрво климатските промени предизвикале напукнување на ѕидовите во сувите и топли периоди, а излевањето на реките и врнежите од дожд, како и топењето на снегот предизвикуваат измивање на старите врзувачки материјали и варовничкиот малтер. Ерозија ги нагризува споевите меѓу камењата и тулите, а поплавите може да предизвикаат оштетување на столбовите, што би можело да доведе до паѓање на сводовите. Поголемата заситеност на почвата, предизвикана со пренасочување на коритото на реката Серава, е причината за формирање бари со вода за време на врнежливите периоди.
Создавањето на подземните води исто така е непријател на градбата. Тие предизвикуваат нерамна комперзија на почвата под темелите на столбовите, поради што некои од сводовите се искосени. Експертите сметаат дека со продолженото движење на почвата, некои од сводовите во иднина ќе паднат. Влагата, кондензацијата и распаѓањето се сѐ повоочливи на акведуктот поради растењето на растенијата на неговата површина, а дождовите исто така продираат во пукнатините. Оштетувања се предизвикани и од силните ветрови, пожарите, честопати и од ѓубрето, оставено од несовесни граѓани, во летните топли денови, кога може и тоа да се запали и да гори. Противпожарната единица неколкупати интервенирала во реонот на акведуктот само пред почетокот на летото годинава. Поминаа речиси две години откако се случи чистењето на отпадот за доаѓањето на премиерот Зоран Заев и тогашниот министер за култура Роберт Алаѓозовски, кои на 25 февруари 2018 година ветија реставрација и заштита на овој културен споменик.
Во 2018 година беа издвоени 1.100.000 денари за изработка на проект за конзервација и реставрација на скопскиот аквадукт. Тогаш Алаѓозовски кажа дека биле предвидени дополнителни средства за да се спречи понатамошно пропаѓање на оваа знаменитост, во висина од 30.000 евра за проектот. Година и пол подоцна, на терен кај скопскиот акведукт нема никакви промени ниту зафати за реставрација. Ништо од акведуктот не е реставрирано, а ѓубрето повторно му е лојален придружник. Поради ранливоста од климатските промени, значителните оштетувања сѐ повеќе се видливи на овој споменик на културата. Акведуктот е исклучен и од туристичката мапа, не го посетуваат ниту туристи, ниту граѓаните од Македонија, бидејќи нема никаков патоказ и обележје каде се наоѓа и тешко кој би можел да го најде.
Итно дејствување и стратегии за спас на спомениците на културата
За поефикасна заштита и зачувувањето на скопскиот акведукт, како и на другите локалитети што претставуваат незаменливо културно наследство, потребно е итно да се дејствува и да се идентификува конкретната ранливост на секој археолошки локалитет, објект или предел. Главна цел што мора да се предвиди во националните стратегии е подобрување на информираноста за сериозноста на влијанијата на климатските промени врз културното наследство. За системски да се следи состојбата со културното наследство во Македонија, потребно е да се воспостави и систем за мониторинг, кој ќе овозможи да се документираат напорите и решенијата за повеќе локалитети, со што ќе се оформи побогата база на податоци потребна за идните активности.
Автор: Вања Таневски
Со овој текст весникот „Нова Македонија“ се приклучува на кампањата од јавен интерес за подобра животна средина „Не игнорирај! Реагирај!“ што ја спроведува Институтот за комуникациски студии, а е финансирана од Британската амбасада. Текстот е првично објавен ТУКА.