Климатските промени се чини дека некогаш се доживуваат како апстрактен поим, замислен процес и состојби кои се далеку од Македонија и кои немаат никакви допирни точки со улогата на властите, како и на граѓаните врз влошување на промените.
Едукацијата на целокупното општество се смета како примарен фактор во справување со климатските промени, а заедничката соработка помеѓу невладините со локалната власт, во комбинација со медиумскиот придонес, може да ги забави процесите на климатски промени, ако веќе не може воопшто да ги анулира.
Ана Чоловиќ- Лешоска, извршна директорка на Еко свест, е овогодишна добитничка на престижната награда за зачувување на животната средина-награда од светски рамки- таа е прогласена е за една од седумте херои во еколошката борба.
Наградата за животна средина Goldman ја добива како признание за седумгодишната кампања за стопирање на меѓународното финансирање за Бошков мост и Луково поле- две големи хидроцентрали планирани во националниот парк Маврово, со која го заштити живеалиштето на речиси исчезнатиот Балкански рис и многу други ретки и ендемски видови во паркот.
Со Goldman наградата им се оддава почит за достигнувањата и лидерството на грасрут активисти за животна средина од целиот свет, со цел да нè инспирираат сите нас да преземеме нешто за да ја заштитиме нашата планета. Оваа година се одбележува 30 годишнината од наградата, којашто беше востановена во 1989 година во Сан Франциско од страна на филантропите и граѓански лидери Рода и Ричард Голдман. До денес, наградата е доделена на 194 добитници од 89 различни нации и со тоа успеа да ја подигне свеста за многу критични прашања со кои се соочува Планетата.
-Во трката да ги исполнат своите обврски кон Енергетската заедница и да започнат со преговори со ЕУ, многу од земјите од Западен Балкан побрзаа со планови за изградба на хидроенергетски капацитети заради зголемување на уделот на електрична енергија од обновливи извори во своите земји. Меѓу нив и нашата земја- повеќе реки се веќе уништени или изложени на опасност од изградба на мали хидроцентрали. Хидроенергетските проекти ја уништуваат природата и животот на локалното население“
Во последните години нашата земја безобѕирно ги троши ресурсите со кои располага, се уништуваат скапоцени природни предели со ретки и ендемски видови и се загрозуваат цели екосистеми од кои зависи и нашиот опстанок на планетата.
-„Во услови кога климатските промени ја загрозуваат безбедноста на нашата храна, нашите домови и нашето здравје, ние стануваме зависни од екосистемските услуги кои ни ги обезбедува природата- за вода, за чист воздух, за храна. Потребно е да обезбедиме повеќе зони за заштита на природа каде нема да биде дозволена изградба на било какви инфраструктурни проекти. Искрено верувам дека можеме да се развиваме и поинаку со внимателно планирање кое ќе ги вклучи сите засегнати страни“- рече Ана Чоловиќ Лешоска.
Неопходна е долгорочна стратегија за животната средина
Во рамките на изготвување на концептите за зачувување на животната средина, пред извесно време бил усвоен Документ за животната средина и локалниот развој, со цел да се работи на структуруирање на една долгорочна стратегија и насока како Општина Центар ќе се трансформира во климатски отпорна општина.
Придонесот на оваа Општина во справување со ефектите со климатските промени бил фокусот на оваа стратегија- една од целите била да се намали потрошувачката на вода, да се направи план за рационално искористување на трошоците за зеленило и неговото одржување, како еден од факторите за намалување на загаденоста, ако се има на ум фактот што Центар е една од најзагадените општини дури и во Европа.
Оваа идеја не била поддржана финансиски, но Еко свест не се откажува од ова решение- осмислување и реализирање на стратегија која би ги намалила ефектите од климатските промени.
Градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ, вели дека не е докрај задоволен од реализацијата на зацртаните политики- иако е покренат процес на мораториум на градбите во централното градско подрачје, и покрај што градежништвото е основа за финансирање, и тоа високи 80%.
Тој вели дека нивната борба со климатските промени допрва доаѓа- изминатиов период на мандатот бил користен за реализација на програма која била наследена од претходната власт, а креирањето на сопствени политики е најавува дека ќе дојде од следната година, меѓу што е и стратегијата за зачувување на животната средина, како дел од борбата со климатските промени.