Фото: Игор Бансколиев
Како резултат на климатските промени, Медитеранот се загрева побрзо од преостанатиот дел од континентот. Влијанието од овој процес го трпи и Македонија и веќе неколку години сме сведоци на доцни пролетни мразеви и екстремни интензивни врнежи, кои предизвикуваат поројни дождови и поплави. Климатските промени имаат големо влијание врз земјоделството, кое, пак, поради сето ова трпи реперкусии од економски и биолошки аспект. Различни култури виреат на различни температури и во различни климатски услови. Многу мал број земјоделски култури може да виреат на екстремно ниски или екстремно високи температури, кои се движат од -35 до +45 Целзиусови степени.
Се смета дека климатските промени ќе предизвикаат најголемо влијание врз земјоделството, многу поголемо отколку во другите сектори во земјава. Тие ќе бидат причината за намалување на приносите кај најголем дел од културите. Земјоделството е важен сектор, бидејќи значително придонесува за БДП и поради процентот на работната сила што е ангажирана токму во овој сектор. Токму поради тоа потребни се итни мерки за адаптација на климатските промени. Според анализите во изминатите пет години, се забележува дека во преспанскиот регион, кој е најзначаен регион за производство на јаболка, се јавува силен град во јули 2014 година, мај и јули 2018 година, доцни пролетни мразеви во април 2016 и 2017 година.
– Од пет години, во четири се јавуваат временски услови што сериозно го оштетуваат производството. Струмичкиот регион, како најзначаен за градинарското производство, е погодуван од силни временски непогоди. Во јули 2018 година се јавува силно невреме проследено со град, пороен дожд и силен ветер, кое предизвика сериозни штети врз градинарските култури. Силно невреме ја погодува и Струмица три година. Слични состојби се јавуваат и во сите други земјоделски региони – смета професорот Ордан Чукалиев.
Според него, проблем е што нема официјални, систематизирани и достапни податоци за екстремните временски појави. Од одредени поединци, кои чувствуваат одговорност дека нешто треба да се стори, се направени обиди за пренос на светски сознанија, но тоа не е доволно. Институциите не само што не преземаат соодветни мерки и активности за адресирање на проблемите што произлегуваат од климатските промени туку се и најголема пречка во развојот на научните сознанија и истражувања во оваа област.
– Неоспорно е дека ефектот на стаклена градина има големо влијание врз нас и врз земјоделските култури. Температурите растат, а врнежите се намалуваат, додека сушите и топлотните бранови се почести. Со самото зголемување на температурите и почестите суши се зголемува и стресот на растенијата, а со тоа се намалува и приносот. Како пример можеме да го земеме приносот на лозовите насади. Годинава приносот на лозовите насади кај големите произведувачи во Македонија е намален за 30 отсто, за разлика од минатата година, а кај малите производители е намален за дури 50 отсто – велат од „Агроиднина“, невладина организација за развој на земјоделството, заштита на животната средина и локален економски развој.
Земјоделците во Македонија се соочуваат со недостиг од вода, екстремни временски услови, поплави, суши, високи температури и доцни пролетни мразови. Поради постојаниот пораст на температурите, се појавуваат нови штетници и болести, кои земјоделците не ги препознаваат и не умеат да се справат со нив. Топлотниот стрес исто така влијае на приносите и нивниот квалитет. Затоплувањето на прв поглед носи подобри услови за земјоделството, поголемата концентрација на јаглерод диоксид би требало да ја интензивира фотосинтезата. Но топлината, недостигот од вода и намалените врнежи имаат негативно влијание и се причина за намалување на приносите, пред сѐ поради нискиот адаптивен капацитет на растенијата. Системите за наводнување се градени врз база на средно сушна година, која е различна од сегашната. Ваквите системи сѐ помалку ќе ги задоволуваат потребите за наводнување на културите. Така, земјоделството во иднина ќе ја изгуби економската моќ и нема да биде најголемиот потрошувач на вода во земјата.
Почвата е другиот фактор во производството на земјоделските култури. Намалувањето на плодноста поради интензивната загуба на органска материја, температурата на почвата, интензивирањето на ерозијата поради намалената покриеност на земјиштето со вегетација, како и забрзаниот пораст на некои земјоделски култури поради зголемените температури, намалената задршка на вода, неправилното и прекумерно ѓубрење исто така многу ќе влијаат врз земјоделските култури. Климатските промени ќе бидат причина за промената на квалитетот на земјоделските култури, нивната цена и достапноста.
Според истражувањата на експертите, ако не се преземаат мерки за адаптација на климатските промени, во југоисточниот регион приносите од пченица, едногодишна култура што најмногу се одгледува, ќе се намалат за 21 отсто помеѓу 2000 и 2025 година и за 25 отсто помеѓу 2040 и 2050 година. Приносите на пченка, пак, ќе се намалат за 56 отсто во 2025 и до 86 отсто во 2050 година. Примената на мерки како промена на сеидба и наводнување би дала подобар принос, но ќе бидат потребни многу водни ресурси. Друг негативен аспект би била зголемената популација, а обработливото земјиште не би можело да ги задоволи потребите на сите. Но, покрај добрите ефекти на ваквите мерки, тие сепак не се применуваат масовно, пред сѐ поради потребата од инвестиции и ниската економска моќ на македонските земјоделци. Анализата на лозарството, пак, покажува дека трпезното и винското грозје се ранливи на зголемувањата на температурата. Лозата е главна повеќегодишна култура и покрива речиси 25.000 хектари, а виното е вториот, по тутунот, најважен извозен производ. Должината на сезоната на вегетацијата во регионот на Повардарието се очекува да се намали за 30 дена, без наводнување родот на трпезното грозје ќе се намали од 26 тони во 2000-та на 25 тони во 2025 година и на 24 тони во 2050 година. Родот на винското грозје исто така ќе се намали од речиси 12 тони во 2000-та на 11 тони во 2025-та и на 10 тони во 2050 година.
Свеста кај земјоделците и производителите треба да биде на повисоко ниво, а надлежните институции треба да ги потпомагаат со современи обуки за правилно одгледување, како и со обуки и финансирање за правилно производство на културите и обработката на почвата. Потребни се набавки за напредни системи за мониторинг, навремено следење и известување на земјоделците за временските услови и неприлики, како и современи системи за наводнување.
Според професорот Чукалиев, потребна е зголемена јавна свест, како и умерено однесување кон природните ресурси, поголеми вложувања во научните истражувања, како и навремено собирање и истражување на податоците за да се подобрат и олеснат условите на производителите, а да се максимизира нивното производство.
Преориентирање и нови култури
Во последниве две декади во Македонија се воведуваат и некои нови култури, како на пример маслинки во Дојран, јапонско јаболко и калинки во Валандовско и Гевгелиско, како и киви во многу региони. Насадите се успешни и плодоносни, но обично ваквите култури се одгледуваат во внимателно избрани региони, во медитеранскиот дел на Македонија или во места каде што има поголеми водени базени, како големи езера, кои ја ублажуваат екстремната клима.
– Одгледувањето нови култури или преориентирањето како идеја исто така не е непознато. Најчесто се мисли на замена на доминантните култури со други, кои се слични, но и поинакви, поотпорни на суша или со поголема толерантност кон екстремните временски услови.Така, пченката може да се замени со сирак, луцерката со еспарзета и слично. Можна е примена на сорти со пократка вегетација, кои созреваат порано и би го избегнале најтоплиот и најсувиот период од вегетациската сезона – смета проф. Чукалиев.
Автор: Вања Таневски
Со овој текст весникот „Нова Македонија“ се приклучува на кампањата од јавен интерес за подобра животна средина „Не игнорирај! Реагирај!“ што ја спроведува Институтот за комуникациски студии, а е финансирана од Британската амбасада. Текстот е првично објавен ТУКА.