veternici-vo-bogdanci-d-andonovski-4-696x463.jpg

Во борбата со суровата клима во иднина, намалувањето на штетните емисии од стакленички гасови нема да биде доволно. Ќе биде потребно енергетско чудо. Човекот ќе биде принуден да се потпре повеќе на технологијата и на технолошките пронајдоци. Некои од технологиите се достапни веќе со години, но, за жал, не се употребуваат доволно, па поради тоа одредени експерти тврдат дека технологијата сама по себе не е доволна за да направи промена. Промената ќе дојде од луѓето и од нивната грижа и начин на живот. Изборот и чекорите со кои може да се применат технолошките пронајдоци се многубројни и различни, а со нивната примена човештвото ќе ѝ помогне на планетата, а преку тоа ќе си помогне и себеси. Еве неколку начини како може да се искористи технологијата и да помогне против климатските промени.

Нуклеарна енергија

Преку користењето на нуклеарната моќ постои начин за произведување електрична енергија што не создава штетни стакленички емисии, но сѐ уште го немаме искористено целокупниот потенцијал на безбеден начин, кој истовремено е ефективен и евтин. Според компанијата „Џенерал фјужн“ од Канада, фузијата не произведува емисии на стакленички гасови, а испушта само хелиум како издувен гас. Потребен е помал простор во споредба со другите обновливи технологии, а истовремено не се создава долговечен отпад.

Производство

Секојдневното производство е огромен притисок врз климата, а околу 30 отсто од штетните емисии во воздухот потекнуваат од индустријата. Компанијата „Карбон енџиниринг“ од Канада работи токму на тој проблем – да го искористи јаглеродниот диоксид од воздухот за да произведе гориво. Според нив, директното апсорбирање од воздухот може да отстрани многу повеќе јаглероден диоксид во споредба со апсорпцијата што ја вршат дрвјата и растенијата. Нивната фабрика, која се наоѓа во Британска Колумбија, отстранува еден тон јаглероден диоксид од воздухот дневно. Нивната цел е јаглеродниот диоксид да го претворат во еден вид гориво што ќе биде ефикасно и евтино за употреба.
Исхрана

Една четвртина од сите глобални штетни емисии доаѓа од производството на храната потребна да го нахрани населението на планетата, главно од производството на месо. Бил Гејтс во 2013 година на интернет напиша дека нема да биде можно да се произведе доволно месо за седум милијарди луѓе во светот. Една од алтернативите е произведување лабораториско месо, кое ќе има вкус како вистинското месо. Компанијата „Бијонд мит“, поддржана од Гејтс, го создаде првиот бургер базиран на растителни протеини од грашок.

Вештачка интелигенција

Постојат неколку начини на кои вештачката интелигенција може да помогне и да биде од помош во борбата против природните непогоди, во предвидување на потребната електрична енергија за користење во домаќинствата, во откривањето нови материјали и суровини, во оптимизирањето на синџирите за снабдување и овозможување на потребните ресурси во земјоделското производство и уште многу други начини. Но вештачката интелигенција најмногу помага при начинот на кој пазаруваат купувачите. Виртуелните асистенти „Алекса“ и „Сири“, на пример, се програмирани да ги насочуваат своите корисници да носат поеколошки одлуки во денот, така што милиони корисници помагаат секојдневно во борбата против климатските промени без воопшто да бидат самите свесни за тоа. Истата стратегија може да се примени и во рекламирањето и дигиталниот маркетинг.

3Д-печатење

3Д-печатењето е совршена алтернатива во производството, која значително ги намалува емисиите на јаглероден диоксид и со неа главно се постигнува намалување на отпадот од суровините. Некои фирми користат рециклирачки материјали за своето производство, што значително помага во отстранување на ѓубрето од градовите, а истовремено им плаќаат на градовите што рециклираат. Одредени градови во Холандија веќе експериментираат и ги вметнуваат 3Д-печатачите во изградба на инфраструктурни елементи. Годинава ќе биде поставен мост за пешаци со должина од 12 метри што е направен со 3Д-печатачи. Претходно, во 2017 година, во Белгија беше поставен мост со должина од осум метри конструиран на истиот начин. Кина и Дубаи се чекор понапред, тие веќе прават куќи и канцеларии со помош на оваа технологија, а истовремено градежниот отпад е значително минимизиран.

Соларна енергија и ветер

Падот на цената на сончевата енергија и енергијата од ветер во изминатите десет години ја трансформира енергетската индустрија во светот. Ветерните оператори користат вештачка интелигенција и подобрени временски прогнози за да ги позиционираат турбините за максимален капацитет, додека производителите на соларни панели ја рафинираат употребата на нови материјали за да произведат повеќе енергија со помали панели, а истовремено и да ги намалат трошоците.

Се разбира, ќе биде потребно повеќе од технологијата за да се реши климатската криза. Таа е само дел од алатките што се во рацете на човекот. Тој ќе треба да донесе одлука првин самиот да се промени, да го промени начинот на кој размислува, дејствува и, едноставно, опстојува на Земјата. Без брзо и ефикасно дејствување, кога-тогаш, во иднина климатскиот хаос се заканува да нè зафати сите. Како што се приближува ваквата иднина, изгледа човекот ќе биде принуден на сè подрастични мерки во борбата против климатските промени.

Технологија што не е технологија

Технологијата што е најефикасна за намалување на загадувањето и загревањето на планетата, всушност, не е технологија. Шумите, преку фотосинтезата, го заробуваат јаглеродниот диоксид и претставуваат природна технологија што се бори против климатските промени веќе милиони години. Во просек, едно дрво може да складира околу 48 килограми јаглероден диоксид за една година. Неодамнешните истражувања покажуваат дека неуништените шуми се способни да складираат емисии на јаглероден диоксид со еквивалент на цели земји што се со големина на Перу или Колумбија. Но сечата и пожарите водат до ослободување на јаглеродот назад во атмосферата. Преку употребата на сателитски снимки и вештачката интелигенција, може да се лоцираат областите каде што страдаат шумите, за брзо да се интервенира и тие да се спасат навреме.

Всушност, на овој начин може да се намали загадувањето на атмосферата за 37 отсто на светско ниво, но, за жал, само 2,5 отсто од финансиската помош на глобално ниво се насочени за оваа цел.

Новинар: Вања Таневски

Со овој текст, Нова Македонија се приклучува кон кампањата за подобра животна средина „Не игнорирај! Реагирај!“, што ја спроведува Инситутот за комуникациски студии и е финансирана од Британската амбасада во Скопје.“ Текстот е првично објавен ТУКА.