marjan-janevski-ekologija-zagaduvane-1-prvo-mesto-362b9vr4uzkqi7n54cxn9c.jpg

Македонија се уште нема подготвена стратегија за справување со климатските промени. Во овој момент се работи на два проекти и се планираат чекорите за климатска акција. Но, властите уверуваат дека не седат со скрстени раце и не губат време. Од Животна средина се потпираат на мерките коишто ги скроиле за чист воздух и за енергетска ефикасност. Сметаат дека тие се подеднакво ефикасни во борбата со глобалниот проблем.

„Во стратегијата којашто се надевам ќе ја види светлината на денот набрзо има три сценарија во коишто најдоброто, најзеленото сценарио ги тангира и овие работи од климатските промени. Сите активности коишто ги правиме во Планот за чист воздух – за друг тип на затоплување, за енергетска ефикасност на зградите, за стимулација на обновливите извори, се примери коишто ги намалуваат стакленичките гасови, ја зголемуваат енергетската ефикасност, го зголемуваат користењето на обновливи извори – трите компоненти во Парискиот договор коишто се мерливи за секоја држава,“ истакна Јани Макрадули – Заменик-министер за животна средина и просторно планирање.

Додека заменик-министерот уверува дека секоја мерка дава резултат, други веќе ги чувствуваат последиците од климатските промени. Невообичаено високите температури и сушите им создаваат мака на земјоделците, објаснува агрометеорологот Ангелко Ангелески.

„Се почесто ни се случуваат суши, да не можеме оваа година конкретно да посееме. А, во други ситуации во пролетниот период од преголеми врнежи да ни се јават пробеми околу расадувањето на тутунот или расадувањето на градинарските култури. Во сумарни услови на крајот на годината ние имаме врнежи колку што се просечните количества меѓутоа тие се нерамномерно распоредени. Еве сега ние некаде имаме дефицит на врнежи од околу 100 и 120 литри на метар квадратен. Ние можеби ќе ги добиеме тие во текот на оваа година, меѓутоа имавме натпросечни врнежи во текот на пролетта,“ рече Ангелко Ангелески – Советник за агрометеорологија во УХМР.

Околу прашањето колку луѓе живеат од земјоделството одреден показател е податокот што половина од територијата на земјава е обработливо земјиште.

Осумдесет проценти од земјоделските површини се обработувани од мали земјоделски домаќинства со просечна големина од 2,8 хектари.

Но климатските промени и глобалното затоплување нема да удрат само по нивите, туку ќе го погодат и банкарскиот сектор, предупредува Герман Филков од невладината Центар за граѓански комуникации.

„Прво, ќе се намалат ресурсите за населението, ќе има помали приноси. А, ако една суша или поплава погоди одредено подрачје во една земја, тоа може да биде голем шок за банките од коишто овие земјоделци земале кредити за посевите или за механизација, не можат да ги вратат одеднаш. Замислете една банка е многу изложена кај земјоделците и да не можат да и ги вратат кредитите – таа банка мора да има услови некако да го надмине тој шок, во спротивно може и да пропадне,“ вели Герман Филков – НВО Центар за граѓански комуникации.

Токму поради оваа опасност којашто се заканува, народните банки во светот сега прават стрес-тест за банкарскиот систем и небанкарските финансиски институции за да проверат колку тие можат да бидат отпорни на евентуални шокови предизвикани од климатските промени.

Петар Догов

Со овој прилог телевизија Телма се приклучува на кампањата од јавен интерес за подобра животна средина „Не игнорирај! Реагирај!“ што ја спроведува Институтот за комуникациски студии и е финансирана од Британската амбасада во Скопје. Прилогот е првично објавен ТУКА.