Скијањето ги остри сите сетила и лачи адреналин. Овозможува да бидете во природа, во самата планина, на чист воздух. Сепак, проценките велат дека ако не се преземат мерки за приспособување кон климатските промени во блиска иднина поретко ќе можеме да уживаме во убавините на овој спорт, особено во скијачките центри на пониските места, како Маврово.
Функционирањето на зимскиот туризам, во кој главна активност е скијањето, зависи од количината и сигурноста на снежната покривка, или како што се нарекува „снежна безбедност“. Снежната безбедност се дефинира како „надморска височина на која помеѓу 16 декември и 15 април има доволно снег за скијање најмалку во период од 100 денови“. Се оценува дека зголемувањето од 2°C во средната температура до 2030 година, ќе ја промени висината во оваа дефиниција од 1200 на 1500 метри што го става Маврово во места со висок ризик.
Имено, намалувањето на сигурноста на снегот поради промените во зимските врнежи ќе влијае врз бројот на денови со врнежи од снег, како и на количината и бројот на денови со снежна покривка. Пократките зимски сезони може да имаат погубен ефект врз сезоната на скијање особено во скијачките капацитети на пониски места.
Дополнително, топењето на постојано замрзнатите површини поради зголемување на средните температури и бројот на топли летни денови ќе ја намали безбедноста на инфраструктурата во овие зони и ќе го зголеми ризикот од лизгање на земјиштето и одрони. Екстремните настани, како што се топлотните бранови, сушите и поплавите, исто така можат да влијаат врз инфраструктурата.
Меѓутоа, се цени дека долгите лета би имале и позитивни страни, бидејќи ќе траат од март до ноември, што значи дека во овој период ќе може да се спроведуваат активности на отворено. Негативната страна на ова е што температурите во средината на летото може толку многу да се зголемат, што на туристите нема да им биде пријатно.
Фото и обработка: Кире Галевски
Текст: Јане Димески
Производот го изработи Институтот за комуникациски студии.