stotina-gragani-dobrovolno-ja-cistea-divata-deponija-pod-skopskoto-kale-nastani.jpg

Стотина активисти на граѓанската иницијатива „Не биди ѓубре“ и граѓани волонтери го исчистија сметот кај стариот автополигон под скопското Кале. „Не биди ѓубре“ изминатите десет месеци организираа еколошки акции на над 40 локации во повеќе градови во Македонија. Оваа акција беше организирана во соработка со кампањата за подобра животна средина „Не игнорирај! Реагирај!“, за уште еднаш да се изложи проблемот со одржувањето на урбаната хигиена и да се повикаат јавните институции за негово решавање, но и да се подигне свеста на граѓаните за одржување на чистотата во градот. Кон акцијата се приклучија Општина Центар, ЈП „Паркови и зеленило“ и фабриката „Карпош“ со волонтери и механизација.

Лани во Македонија биле создадени околу 855.000 тони комунален отпад, но собрани се 230.000 тони помалку или околу 625.000 тони, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. Од нив 81 отсто бил отпад од домаќинствата, а останатите 19 отсто бил комерцијален отпад од правни и физички лица. Најголем дел од собраниот отпад бил измешан комунален отпад (535.600 тони или 85,6 отсто), а најмногу комунален отпад бил собран во скопскиот регион (166.000 тони или 26,5 отсто од вкупното собрано количество). Комуналниот цврст отпад најчесто се се состои од потрошените производи од домаќинствата, градежен шут, употребени гуми, акумулатори, искористени возила, електронски отпад и отпадоци од парковите и улиците.

Според Стратегијата за управување со отпад за 2008-2020 година, за собирањето, транспортирањето и депонирањето на комуналниот отпад се надлежни општините, а тоа го вршат јавни претпријатија, главно во градовите, но не и во селата. Околу 70 проценти од сите жители во земјава ги користат услугите на собирање отпад, но само 10 отсто од нив се од рурални населби. Општините не инвестираат во инфраструктура за управување со отпадот и распределуваат средства главно за трошоците за транспортот и отстранувањето на отпадот. Сепак многу малку од постојните јавни претпријатија работат на прифатливо техничко ниво, без потребната грижа и внимание за одржување и замена на опремата. Голем дел од отпадот истекува и се расфрла, возилата за собирање отпад се стари, со мал капацитет или често се расипани.

Речиси целиот комунален отпад (99,5 отсто) се исфрла без никаков предтретман на диви или депонии кои не се во согласност со директивите и стандардите на ЕУ за управување со отпад. Иако општините се одговорни за депониите за неопасен и инертен отпад, издавањето дозволи и инспекцијата го врши Министерството за животна средина. Меѓутоа, отсуствува мониторинг на капацитетите за управување со отпад, а недостасува и функционален систем за евидентирање на податоци и известување.

Кампањата за подобра животна средина „Не игнорирај! Реагирај!“ ја реализира Институтот за комуникациски студии, а е финансисрана од Британската амбасада во Скопје.

Фотографии од акцијата преземете ТУКА.