Пред четириесет години УНЕСКО го зеде под своја заштита целиот Охридски регион- 1979 година најпрво е запишано како светско наследство, заради  своите природни вредности, за една година подоцна, се додаваат и културните (https://whc.unesco.org/en/list/99/), со што се заокружува повластениот и респектабилен статус.

Но, после помалку од 30 години, Македонија започнува да ги занемарува и игнорира овие вредности, постепено губејќи ги сите богатства заради кои го добива светскиот статус. УНЕСКО оттогаш започнува сериозно да реагира се до денес- скоро една деценија наназад, се до последниот извештај и Нацрт-одлука, каде неколкупати се споменува загриженост за негрижата и немарноста кон Охрид, се констатираат пропусти и нетранспарентност од страна на властите,  се известува за жалењето на УНЕСКО, алармирајќи ја целата држава да ја согледа сериозноста на ситуацијата кон која исклучиво таа и придонела.

КОИ СЕ БОЛНИТЕ ТОЧКИ НА ОХРИД ЗА КОИ ГОВОРИ УНЕСКО

Последната Нацрт-одлука од пред помалку од една недела (https://novatv.mk/wp-content/uploads/2019/05/whc19-43com-7B-en.pdf), е најава за удар кој всушност самата држава си го зададе- УНЕСКО препорачува да го стави природното и културното наследство на Охридскиот регион на Листата на загрозено светско наследство.

До конечното решение од 30 јуни- 10 јули на Конференцијата на Комитетот за светско наследство во Баку – дали ќе се одземе повластениот статус на светско наследство- природно и културно, не останува премногу време, а точките кои висат над македонските власти за итно решение, се доволно јасни и прецизни- единствената пресуда ќе зависи токму од нив.

Овој документ, со назнака 43 КОМ 7Б.36, во детали ги опфаќа сите црвени, вжештени точки кои ургентно мора да се решат, а тие се однесуваат пред се на бесправното, нелегално градење, поради постојаните закани и големите инфраструктурни и развојни проекти, кои што претставуваат потенцијална опасност и поради недоволниот напредок до решавањето на проблемите.

Оттука, УНЕСКО, говорејќи за низа закани, со жалење констатира дека малку е направено за имплементација приоритетните препораки на мисијата на УНЕСКО од 2017 година (https://whc.unesco.org/en/documents/158740), но особено е загрижувачка забелешката дека “државата не го информира редовно Комитетот за светско наследство за проектите и активностите што се предвидуваат и се реализираат во заштитеното подрачје”.

Следуваат и останатите вклучувања на аларм на УНЕСКО: кога говорат дека со голема загриженост ја следат најавата за продолжување на оригиналната траса на железничкиот Коридор 8, и покрај барањето на Комитетот за алтернативно решение надвор од заштитените подрачја, потоа загриженост за делот од автопатот од Требеништа до Струга и барањето од државата итно да пронајде друго решение за проектот.

Понатаму, УНЕСКО смета дека не е доволно само запирањето на градежните проекти на постапката за измена на Планот за управување со Националниот парк Галичица, затоа што овој чекор не задоволува за значително намалување на ранливоста на подрачјето;

Забележува со загриженост дека малиот прогрес кој бил направен со имплементирање на итните барања и препораки на Комитетот, вклучувајќи го одложеното спроведување на клучните пресвртници без да се ревидира временската рамка што се предлага, особено мораториумот за секоја трансформација во рамки на подрачјето, пописот на дивоградбите и рушењето на истите има негативно влијание врз извонредната универзална вредност на подрачјето, одобрување на сите релевантни инструменти за планирање, вклучувајќи го и Планот за управување, како и други клучни препораки од Центарот за светско наследство; Забележува со жалење дека државата – членка не го известува регуларно Центарот за светско наследство за проекти и активности кои се спроведени во граници на подрачјето;

Забележува со загриженост дека подрачјето останува погодено од несоодветен развој на инфраструктурата, прекумерен и несоодветен урбанистички развој и крајбрежна експлоатација, зголемено загадување, фрагментација и уништување на живеалиштата, големи притисоци од туризмот и екстензивно неконтролиран урбанистички развој и несоодветно искористување на крајбрежните зони; кои ги загрозуваат, двете, природните и културните вредности на подрачјето.

“Со оглед на недоволниот напредок во надминување на горенаведените проблеми и во контекст на континуираните тековни закани и големи инфаструктурни и развојни проекти, подрачјето се соочува со потенцијална опасност… и одлучи да го впише природното и културното наследство на Охридскиот регион на Листата на светско наследство во опасност”, се вели во оваа Нацрт- одлука.

УНЕСКО во документот строго ги повторува своите барања до државата-членка:

Да се воспостави мораториум на секоја урбана и крајбрежна трансформација во рамки на подрачјето се додека сите релевантни плански документи не се финализирани и усвоени, и ефективни заштитни прописи се одобрени, а механизми за контрола да се усвоени;

Попис на бесправни објекти, проценка на нивните влијанија врз ИУВ на подрачјето преку соодветни процеси на Оцена на влијанието врз наследството (HIA) и Оцена на влијанието врз животната средина (ОВЖС) и да се продолжи со уништување на сите оние кои претставуваат закана за подрачјето;

Да се обезбеди строго спроведување на законите и прописите за да се спречи понатамошно незаконско градење Финализирање на Планот за управување со заштитеното подрачје и усогласување на сите релевантни инструменти за планирање со општата цел за заштита и одржување на ИУВ на заштитеното подрачје и да го достави нацртот до Центарот за светско наследство и Советодавните тела, пред неговото финализирање и усвојување;

Да изготви предлог за Посакуваната состојба на конзервација на Државата, за конзервација на подрачјата; Конечно, бара од државата-членка да достави до Центарот за светско наследство, до 1 февруари 2020 година, ажуриран извештај за состојбата со конзервацијата на подрачјето, за разгледување од страна на Комитетот за светско наследство на својата 44-та сесија во 2020 година.

НАМЕСТО РЕШЕНИЕ- СЕРИЈАЛ ПАРТИСКИ ПРЕПУКУВАЊА

После овој Документ на УНЕСКО, очекувано, како и годините претходно, следуваа лавина од реакции, обвинувања, препукувања, особено на партиско ниво влада- опозиција, иако се очекуваат исклучиво коструктивни и итни решенија и мерки- и од Светската организација за културно наследство и од граѓаните на оваа земја.

Владата говори дека “активно се посвети на решавање на проблемите во регионот, во соработка со општините и граѓанскиот сектор”, но и дека “пристапува со внимание и сериозност кон комплексните состојби со кои се соочува… охридскиот регион години наназад Охрид”.

Таа  практично, прстот го вперува во претходната власт, онаа под водство на Никола Груевски, говорејќи за ” долгогодишното лошо управување со регионот и мегаломанските проекти кои беа закана за езерото и националниот парк”, но заборава притоа дека владеела скоро две години и оттука, критичката јавност бара да ја преиспита сопствената улога, да ги понуди решенијата заедно со стручната јавност, но и истите да ги имплементира.

Се чини дека утехата на Владата e премногу мала, кога констатира дека оваа “Предлог одлука,…не е финална”, и апелот веројатно требал да биде многу порано, кога говори дека Предлогот “треба да биде стимул за сите институции и за граѓаните да се работи со поголем интензитет за да го зачуваме нашето уникатно светско наследство.”

Опозицијата пак, деновиве целата вина и гнев го насочува кон Владата на Заев, критикувајќи ја дека го продолжува, наместо да “го сопре дивиот урбанизам, негрижата за наследството и уништувањето на крајбрежјето”.

Сепак, довчерашната власт, притоа, се чини, го игнорира го сопствениот придонес и  ролјата која ја имаше особено поранешниот премиер Груевски. Еден збор претставува симболот на уништувањето на Охрид, кој се користи можеби со сарказам, но повеќе алудира на остра критика, провејувајќи со години низ медиумите и анализите- тоа е т.н “парапетче” на Груевски за кое тој говори пред своите сопартијци, кога предлага да се изгради еден вид потпорен ѕид со песок, кој би го спречил прелевањето на Охридското езеро.

Тој период на градежна експлозија особено беше загрижувачки за УНЕСКО и се дефинираше како закана за статусот на Охрид како заштитено наследство- кога беше во фокусот на тогашната власт Плаошник- изградбата на Универзитет со поглед на градот, како и најавите за туристичко место во средината на националниот парк на природата, кога индискиот милијардер Субрата Рој ги обелодени плановите за изградба на луксузен рекреативен комплекс на брегот на Охридското Езеро, кај Свети Наум.

МОЖЕБИ БРИШЕЊЕТО НА ОХРИД ОД УНЕСКО Е ДОБРА ВЕСТ

Лидерката на ДОМ- Партијата на зелените и пратеничка, Маја Морачанин (видеото на дебатата со Александра Бујароска од Фронт 21/24 е подолу во овој текст), ги повикува буквално сите институции, како и граѓаните да се вложат во целост во спасувањето и зачувувањето на Охрид, но смета дека негрижата, јавашлукот, целокупниот хаос низ децениите може да биде и поттик во добар правец. Најпрво, доколку УНЕСКО е непопустлив и одлучен да стави крај на целата агонија и го стави во опасност Охрид, последиците можат да се гледаат и на оптимистичен начин.

Овој евентуален потег на УНЕСКО да биде еден вид мотив, стимулација конечно да се почне да се преземаат обврски, одговорности, и одлуки кои ќе бидат вовед во конечно решение за воспоставување ред, имплементирање на сите препораки, при што е неопходно ангажирање на целокупната политичка и граѓанска елита.

Токму невладините организации, како срж, јадро на општеството, оние еколошките, низ годините дека водат бескрајна, исцрпувачка битка низ годините- Александра Бујароска од  Невладината Фронт 21/24 говори за нејзините лични напори, како и на Фронтот, оваа Влада да започне со конкретни акции. За нивната двогодишна битка сведочат писмата кои ги испраќале до институциите, но и разочарувањата кои следеле, затоа што немало никакви одговори, никакви резултати, никакви дела. Бујароска смета дека целосното учество на стручната јавност, на невладиниот сектор во донесувањето на одлуките и решенијата за спас на Охрид може да биде само додадена вредност, допринос кој УНЕСКО би го нотирал и би донел подобра, вистинска одлука- Охрид да остане на Листата на културно и природно наследство.

Биљана Секуловска

Со овој текст НОВА ТВ се приклучува на кампањата од јавен интерес за подобра животна средина „Не игнорирај! Реагирај!“. Текстот е првично објавен ТУКА.