„Алармантно е тоа што интернационални финансиски институции поддржуваат проекти кои им наштетуваат на природните живеалишта во нашиот регион. Националните власти ја имаат одговорноста да обезбедат заштита на дивиот свет со загрозен статус. Градењето свест за тоа како јавните пари ја уништуваат нашата планета е важно низ целиот свет. Заштитата на природата е клучна за нашиот опстанок. Останува прашањето – ако не ние, кој. Ако не сега, кога?“ Со овие зборови Ана Чоловиќ-Лешоска го заврши својот говор по повод свечената церемонија на доделување на наградата „Голдман“ за животна средина во Сан Франциско. Таа е една од шесте добитници на ова престижно признание. Биологот Чоловиќ-Лешоска од невладината организација „Еко свест“ посвети осум години во институционална борба за да спречи изградба на хидроенергетски проекти кои се штетни по животната средина. По бројните жалби, во 2015 година, Светската банка ги повлече финансиските средства за еден од хидроенергетските проекти, а во 2017 година ЕБОР го откажа својот заем за Владата на Северна Македонија и за втората хидроцентрала. Се работеше за хидроенергетските проекти Бошков Мост и Луково Поле. Лешоска отворено признава дека не била поштедена од лични закани во текот на својата борба.
Замислете каков би бил епилогот без истрајноста и одлучноста во оваа институционална борба која траела осум години?
Но, каде е изворот на конфликтите меѓу исклучителната привлечност за инвеститирање во хидрообјектите (посебно малите хидроцентрали), и негативните аспекти за животната средина? Несомнено, првиот чекор е направен со регулативата.
ДИРЕКТИВА ЗА ОБНОВЛИВА ЕНЕРГИЈА
Рамковната директива 2009/28/EC за промовирање на користењето на енергија од обновливи извори има за цел развој на локален и регионален енергетски пазар со цел да се намали емисијата на стакленички гасови.
Директивата за обновлива енергија воспоставува сеопфатна политика за производство и унапредување на енергијата добиена од обновливи извори кај земјите членки на ЕУ. Таа бара исполнување на удел од најмалку 20 отсто обновливи извори во вкупниот енергетски микс до 2020 година, преку остварување на зададените национални таргети. Во ноември 2016, Европската комисија објави предлог за ревизија на оваа Директива, со што таргетот се поместува на 27 отсто за периодот до 2030 година. Директивата ги специфицира националните таргети за обновливи извори за секоја земја (од 10 отсто за Малта, до 49 отсто за Шведска), земајќи ја предвид нивната стартна позиција и потенцијалот за енергија од обновливи извори.
Но, сите овие иницијативи и директиви се во конфликт со одредбите од Рамковната директива 2000/60/EC, според која воспоставени се строги правила за намалување на хидроморфолошките трансформации односно промени на водотеците, но исто така и во однос на зачувување на екосистемите.
ИСКУСТВАТА ВО ДРУГИТЕ ЗЕМЈИ
Во Романија, развојот на инвестициите во мали хидроцентрали доби силна поддршка, но за жал во контрадикција со одредбите во однос на заштитата на животната средина, во 2015 година Европската комисија поведе постапка против Романија во врска со хидропроектите на планината Фагарас.
Во Турција, во последните години значително е зголемен бројот на мали хидроцентрали – над 900. Бројни научни трудови покажуваат дека главните ризици по животната средина предизвикани од малите хидроцентрали во оваа земја се: прекини во природните патеки на дивите животни, визуелно загадување (уништување на пејсажот), прашина и бучава, илегално ловење и високонапонска електрична мрежа.
Во 2008 година, Швајцарија воведе повластена тарифа за да ја поттикне експанзијата на обновливите извори на енергија. Иако овие стимулации се однесуваа на сите видови обновливи извори, сепак најголема корист извлекоа малите хидроцентрали. Имено, користејќи ја повластената тарифа, 116 мали хидроцентрали се изградени ширум Швајцарија.
Иако малите брани од овие хидроцентрали не потопуваат цели долини како што е тоа случај со изградбата на големите брани, сепак тие го попречуваат патот на рибите, неретко предизвикуваат драматично намалување на протокот во текот на најголем дел од годината. Главното прашање во овој случај е која е придобивката на земјата од овие мали хидросистеми? Во Швајцарија, тие вкупно генерираат 498 GWh електрична енергија годишно, што е помалку од 1 отсто од годишното производство во земјата. За споредба, само една голема хидроцентрала, како што е проектот Rheinfelden со инсталирана моќност од 100 MW, произведува над 400 GWh електрична енергија годишно.
Rheinfelden, Швајцарија
Во суштина, не се работи само за земјите кои се дадени како пример. Се работи за глобален проблем. Една неодамнешна студија покажува дека во светот има најмалку 83.000 мали хидроцентрали (бројката е 10 пати поголема од онаа на големите хидроцентрали), а десетици илјади се во фаза на планирање.
Сепак, примерот со Швајцарија ефикасно ги илустрира трите главни проблеми или пак заблуди кога станува збор за малите хидроцентрали:
1. Генерално малите хидроцентрали се сметаат за извор на електрична енергија со минимален или дури еднаков на нула јаглероден отпечаток. Ова многу често е НЕТОЧНО.
2. Токму под претпоставката за ниското влијание врз животната средина, енергијата добиена од малите хидроцентрали се субвенционира.
3. Овие инвестициски стимулации водат кон брз раст на инвестициите во овој вид објекти. Сите тие заедно носат незначителни придобивки во вид на произведена електрична енергија, но сериозен кумулативен негативен ефект врз животната средина.
Кога станува збор за поединечното влијание, важно е да се нагласи дека најчесто поимот „мала“ се врзува со инсталираната моќност на турбината(ите), а не со големината на браната. За да се илустрира што значи ова во пракса, како пример може да послужат две мали хидроцентрали во САД – Elwha Dam (15 MW) и Glines Canyon Dam (13 MW). Овие две „мали“ хидроцентрали се одговорни за намалување на популацијата на лосос за 99 отсто. Сега САД инвестираат 350 милиони УСД за да ги отстранат браните и да ја поправат штетата по живиот свет во реката. Ова е најголем проект во светски рамки од овој вид.
Elwha Dam, САД
ПРИДОНЕСОТ НАСПРОТИ ШТЕТАТА
Ова е се разбира еден изолиран пример. Но, да се вратиме на анализата за вкупниот енергетски придонес наспроти вкупното негативно влијание врз животната средина, или попрецизно кажано каков е придонесот наспроти штетата на стотици мали хидроцентрали?
Три независни студии – од Норвешка, Шпанија и Кина, заклучуваат дека малите хидроцентрали имаат поголемо негативно влијание врз животната средина по инсталиран мегават, отколку големите хидроцентрали. Според шпанската студија, малите хидроенергетски проекти во басенот на реката Дуеро во Шпанија, продонесуваат само 7 % во вкупно произведената електрична енергија, но имаат сериозно влијание врз животната средина во смисла на потопено земјиште и должина на деградација на речното корито. Понатаму, утврдено е дека споредбата на 140 мали хидроцентрали со 17 големи, укажува на дури седум пати поголеми бариери (на пример за движењето на рибите), додека цената на вака произведената електрична енергија е 15 % поскапа, се разбира поради повластените тарифи.
Последните години на Балканот се случува вистинска ренесанса во изградбата на мали хидроцентрали, но истовремено како никогаш досега расте и притисокот на јавноста и еколошките активисти против овие проекти. Ако гледајќи ја пошироката слика низ примерите на развиените земји, јасно е дека постојат сериозни негативни влијанија врз животната средина, тогаш каква е состојбата на Балканот? Имајќи го предвид нашиот менталитет, корупцијата, и веќе востановената традиција за заобиколување на процедурите, тогаш со право можеме да се запрашаме дали при издавањето на концесиите и склучувањето на договорите сè било согласно законите? Што се случува со мониторингот и контролата врз начинот на нивната експлоатација?
Неодамна една граѓанска организација од Црна Гора, ги подгреа ваквите сомнежи. Имено, за 50 мали хидроцентрали во Црна Гора, потпишани се договори без план за давање концесии за користење на водотеците и без придружни студии за стратешка проценка на влијанието врз животната средина. Ова го соопштила за медиумите Наташа Ковачевиќ од невладината организација Green Home. Оваа организација предала петиција до парламентот во Подгорица со која се бара раскинување на сите склучени договори.
МАКЕДОНИЈА СО 116 МАЛИ ХИДРОЦЕНТРАЛИ
Во Македонија, и покрај тоа што веќе имаме изградени над 100 мали хидроцентрали, пошироката јавност сепак не слушна за ниту една евентуално спорна локација од аспект на заштитата на животната средина. Попрецизно, заклучно со 2018 година нивниот број е 116, а збирната инсталирана моќност е 106,32MW, што е удел од 5,12 % во вкупниот инсталиран капацитет за производство на електрична енергија на државата. Истражувањето кое во 2015 година го спроведе Bankwatch утврди дека најголем број од проектите финансирани од меѓународните финансиски институции во заштитени подрачја се токму во Македонија.Но, без намера да бидеме претенциозни, да видиме што точно вели за состојбите во Македонија извештајот на Bankwatch под наслов „Уништени реки“?
Прво, постапката за оценка на влијанието врз животната средина во Македонија не се имплементира на соодветен начин. Исто така, за повеќето од хидроцентралите не е направена сеопфатна оценка на влијанието врз животната средина туку за нив е потребна само студија (елаборат) за животна средина врз основа на кој се добива еколошка дозвола. Овие документи имаат релативно слична структура како и оценката на влијанието врз животната средина пропишана со Директивата за оценка на влијанието врз животната средина, но содржат значително помалку детали.
Понатаму, Извештајот нотира дека мониторингот на хидроцентралите е слаб, при што локалните заедници најмногу се жалат на целосно пресушување на водата во реките. Уште еден голем проблем е определувањето на биолошкиот минимум кој е пресметан на 10 отсто од просечниот годишен проток на водата. Ваквото определување на протокот/минимумот не ги зема предвид промените во водотеците во разни периоди од годината.
Преспанска пастрмка
СТРАДААТ ЗАШТИТЕНИТЕ ПОДРАЧЈА
Што се однесува до конкретни примери, не случајно за илустрација во овој напис ќе ги издвоиме оние објекти кои се изградени во заштитени подрачја, на што впрочем предупредува и Извештајот. Иако се во сопственост на различни компании, хидроцентралите „Брајчинска Река 1 и 2“ (уште познати и како „Брајчино 1 и 2“) се поврзани со фактот дека и двата проекти имаат добиени заеми од Европската банка за обнова и развој во 2010 односно во 2011 година. Исто така, „Брајчинска Река 2“ има акционерско учество каде сопственик е DEG, како подружница на KfW (државната развојна банка на Германија). За овие две хидроцентрали заедничко е и тоа дека се наоѓаат во исклучително чувствително подрачје: живеалиште на ендемскиот вид преспанска пастрмка (Salmo peristericus). Изградбата на „Брајчинска Река 1“ е контрадикторна со целите утврдени во Законот за заштита на природата во Македонија.
Брајчинска река, пред и по зафатот
Таа е изградена во рамките на Националниот парк „Пелистер“ кој беше проширен и вклучува делови од горната котлина на Брајчинска Река. Според истиот Закон, водите и водните живеалиште, што вклучуваат извори, водотеци и реки се сметаат за природно богатство и како такви треба да бидат зачувани во својата природна состојба. Не е разбирливо како во сите притоки на Брајчинска Река е забранет риболовот, но сепак била дозволена изградба на хидроцентрали.Хидроцентралата „Брајчинска Река 1“ ги прекршува барањата за изведба (PR 6) утврдени во Еколошката и социјална политика на ЕБОР од 2008 година која била на сила во времето кога бил одобрен заемот, како и верзијата од 2014 година која била важечка во моментот на спроведување на контролата од страна на Bankwatch. Таа е во конфликт со одредбите од политиката кои забрануваат изведба на проекти кои имаат негативно влијание врз критични живеалишта. Деталното разгледување на проектот или не ги забележало, или ги игнорирало влијанијата врз преспанската пастрмка и другите чувствителни видови.
Хидроцентралата „Тресонечка Река“ или „Тресонче“ се наоѓа во рамките на Националниот парк „Маврово“ кој претставува една од најважните точки со биолошка разновидност на Балканот. Тој е заштитен на национално ниво како и меѓународно, со неговата номинација за Емералд подрачје, Подрачје значајно за растенија и Подрачје значајно за птици. Целиот парк е под постојан притисок од проекти поврзани со хидроенергија. Поставеноста на централата „Тресонечка Река“ е едноставна: има еден зафат кој ја носи водата низ цевка долга 1.3 километри до машинската зграда. Новизградениот пат го вознемирува подрачјето дефинирано како клучно подрачје за размножување на балканскиот рис. Овој пат уништи неколку хектари дабова шуми и овозможи пристап длабоко во добро зачуваната котлина на Националниот парк „Маврово“. Веднаш до патот има големо количество ископан материјал како и ерозија. Структурата на заедницата покажува висок степен на стрес врз екосистемот или слаб до лош еколошки статус. Најверојатна причина за ова е отсуството на вода во подолги временски периоди.
Тресонечка Река
Сите овие резултати и трендови, недвосмислено упатуваат на важноста од многу поголемо внимание и грижа во врска со политиките на планирање и изградба на малите хидроцентрали.
Како резултат на отпорот на јавноста за изградбата на малите хидроцентрали на Балканот, од почетокот на 2020 година, ЕБОР ќе бара од комерцијалните банки да работат дополнителни проверки за проектите од висок ризик, вклучувајќи ги под оваа категорија сите хидроенергетски проекти. Исто така, ЕБОР бара од комерцијалните банки да се грижат за повисоки стандарди во однос на заштитата на животната средина отколку досега. Овој значаен пробив во промената на политиките на ЕБОР, доаѓа како последица од притисокот од граѓанските организации. Имено, минатата година кампањата Blue Heart of Europe собра над 120.000 потписи барајќи од ЕБОР, Европската инвестициска банка (ЕИБ) и Меѓународната финансиска корпорација (IFC) да го ограничат финансирањето на хидроенергетските проекти на Балканот.
Малите хидроцентрали би можеле да бидат корисни во оддалечените села, како дистрибуирани и некомерцијални извори на енергија во сопственост на малите заедници, но во сегашните околности тешко е веќе да се зборува за нивната вистинска намена. Без сеопфатна и интерсекторска стратегија, малите хидроцентрали и натаму ќе останат незначителни производители на енергија со огромно кумулативно негативно влијание врз животната средина. Со неуспехот во имплементација на една одржлива политика која ќе ги мониторира сите ризици на малите хидроцентрали, ќе се соочуваме со загуби на нови километри речни текови и екосистеми, за само малку енергија.
Сепак, евидентно е дека зад изградбата на малите хидроцентрали не се крие енергетски мастер-план. Имено, јасно е дека малите хидроцентрали нема да ја лиферуваат неопходната енергија. На пример, денес во Албанија само три големи централи лиферуваат 98 отсто од енергијата во земјата, а околу 130 мали хидроцентрали останатите два отсто. Значи, што ја движи оваа бизнис-стратегија? Одговорот е јасен: субвенциите. Без поттик, 90 отсто од постројките едноставно би биле нерентабилни. Субвенциите го направија бизнисот со малите хидроцентрали многу рентабилен – за градежните фирми, за банките и веројатно највеќе за инвеститорите.
Со овој прилог, Порта 3 се приклучува кон кампањата за подобра животна средина „Не игнорирај! Реагирај!, што ја спроведува Инситутот за комуникациски студии и е финансирана од Британската амбасада во Скопје. Текстот е првично објавен ТУКА.