Надалеку познатото Преспанско јаболко е основна егзистенција за околу 2500 семејства во овој регион.
Каков ќе биде животот од една до друга берба во Преспа, зависи од тоа каков ќе биде родот и пласманот. Но, приносите од година во година се намалуваат, затоа што јаболката предвреме ги собира невреме.
Последното во јули какво што жителите никогаш не паметат, го нарекоа Преспанско торнадо.
Корнеше и носеше се пред себе. Збриша 700 хектари насади во Долна Преспа.
-Годинава беше катастрофа голема во Преспа, и сите села од Сливница до Дупени, цела Преспа нема ни јаболка ни ништо, тоа е катастрофа голема. Фати голем ветер. Дуваше со брзина од над 190 километри на сат и руши се. Од 90 те години наваму, има повеќе врнежи од град, секоја година паѓа град, на бербата, во цутот, после цутот вели Сулејман Адили, овоштар од Крани.
Ако некогаш во Преспа годишната реколта тежеше 150 илјади тони јаболка, сега поради врнежите од град и доцните пролетни мразеви кои постојано се повторуваат, оваа бројка е речиси недостижна.
Проекциите во вториот национален план за климатски промени укажуваат дека состојбите и понатаму ќе се влошуваат, а родот на јаболката во Ресен до 2050 година ќе се преполови.
-Според голем број научни истражувања во наредните 10 до 20 години климатските промени се повеќе ќе доаѓаат до израз не само преку невреме, туку ќе има и проблеми со недостиг на вода за наводнување, вели Ефтим Петковски, магистер по земјоделески науки.
Овоштарите речиси и да не можат да го прилагодат производството на климатските промени без поддршка од државата.
-Должност е на државата да преземе одредени мерки иако нешто е почнато, сепак не е доволно да бидеме во трка со времето. Замавот на климатските промение толку голем што ние веќе доцниме во адаптирање на земјодлеството кон климатските промени, вели Љубе Пампулески, Здружението на овоштари од Ресен.
Преспа надалеку позната по топлите лета и благите зими, сега е еден од најпогодените региони од климатските промени.
-Македонските земјоделеци, а пред се овоштарите силно ги чувствуваат последиците од климатските промени. Дел од нив не знаат што се случува, а за невообичаените временски непогоди велат „никогаш не било вака“. Битката против најголемата закана за човештвото и природата ја водат со погледи кон небото и молитви .
Од Министерството за земјоделство велат дека се посветува сериозно внимание на мерките за справување со климатските промени, а за таа цел формиран е и Национален комитет. Најавуваат набавка на нов систем за превенција на врнежите од град, а преку европските фондови ќе се кофинансираат технологии за прилагодување на земјоделството кон климатските промени. За само две години за штети од временски непогоди државата на земјодлеците им испалтила 4,5 милиони евра, но со спроведување на најавените мерки, оваа сума велат од министерството треба да оди за развој на земјоделството.
Емилија Мисирлиевски