11aq1a.jpg
Волонтери од Скопје, Битола и Демир Хисар денеска ги чистеа дивите депонии кои се наоѓаат во и околу реките кај селото Слоештица во Демир Хисар. Жителите се сеќаваат дека во минатото водата од реките се пиела, но денес тие се претворени во ѓубришта од кои се шири смрдеа, а потоа се влеваат во Црна Река, која го наводнува еден од најплодните региони во Македонија – Пелагонија.

„За жал, луѓето кога ќе ги прашате каде го фрлате ѓубрето, тие велат во реката, ќе го однесе таа. Овие реки не се се само селски, туку се на цела Македонија. Сите води се поврзани и тоа ѓубре кое го фрламе, нам ни се враќа. Се надеваме дека со ова чистење ќе ги поттикнеме и другите жители да ги исчистат реките во своите села“, вели Ирена Андреевска, претседател на невладината организација „Арт Поинт - Гумно“, која ја организираше еколошката акција како дел од кампањата за подобра животна средина „Не игнорирај! Реагирај!“.

Во реките кај селото Слоештица во Демир Хисар живеат пелагониската пастрмка и речниот рак, кои се на листата на загрозени видови на Меѓународната унија за заштита на природата (IUCN). Оваа област е прогласена за значајно растително и подрачје на птици и е средиштето на потенцијалното подрачје Натура 2000 во Македонија.

И покрај големото природно значење, жителите на населени места во општината Демир Хисар го фрлаат отпадот во реките бидејќи нема кој да го собере од нивните домови. Од општината најавуваат дека од понеделник ќе воведат организирано собирање на сметот преку комуналното претпријатие.

„Организиравме средби со претставниците на сите 40 населени места во општината и имаме намера во сите села да се постават метални контејнери и секој жител на добие корпа за отпад. Месечната претплата за собирањето на отпадот нема да биде повисока од 100 денари, која ќе ги покрива само трошоците за возилото за смет. Од понеделник започнуваме со поставувањето на контејнерите токму од Слоештица“, рече Марјанче Стојановски, градоначалник на Демир Хисар.

Некои жители побараа воведување на засилени инспекциски мерки и систем на казни за несовесните граѓани.

„Во минатото постоеше санитарен инспектор, се сеќавам како дете, се викаше Стојче. Носеше едно ташниче црно и кога тој ќе поминеше по селава тука на мештаните им се тресеа коските, да не случајно некого запиши во тефтерчето. Тогаш се беше беспрекорно чисто, имаше риби во реките, водата дури и се пиеше. А денес е жалосно што целата околина е доведена во една ваква состојба“, кажа Гоце Димоски, роден во Слоештица, кој денес живее во Скопје.

Во Македонија, просечно, по глава на жител, се користат околу 130 метри кубни вода дневно, односно околу 1.047 милјарди метри кубни годишно. Овие количини се обезбедуваат најмногу од површинските води (84,5%), а токму во површинските води завршуваат големи количини на цврст отпад и отпадни води чие пречистување претставува огромен проблем. Проценките се дека само околу 7 проценти од вкупните отпадни води во Македонија се пречистуваат, а во поголемиот број случаи не се користат модерни технологии за пречистување. Загадувањето на реките доаѓа од домаќинствата, општинските, комерцијалните, индустриските и земјоделските активности со кои се испуштаат тешки метали, органски и неоргански загадувачи и суспендирани материи, а потоа истата речна вода се употребува и за наводнување на земјоделските производи.

Еколошката акција се организираше во рамките на кампањата за подобра животна средина „Не игнорирај! Реагирај!“, која ја реализира Институтот за комуникациски студии, а е финансирана од Британската амбасада во Скопје.