Какви мерки се преземаат од државата за справување со загадувањето, колку се тие ефективни, какво е влијанието на големите загадувачи врз природата и дали државните институции соработуваат при справувањето со овој проблем.
Ова беа некои од темите на кои се дебатираше на „Аргумент: Организирано изразување“, чија теза оваа година беше „Овој дом верува дека државата (не) презема соодветни мерки за справување со загадувањето“.Заменик-министерот за животна средина Јани Макрадули, градоначалник на Куманово Максим Димитриевски и директорот на депонијата „Дрисла“ Горан Ангелов дебатираа наспроти граѓанските активисти Невена Георгиевска од „О2 Иницијатива“, Арианит Џафери од „Еко герила“ и Стојан Велков од „Здрава котлина“.
Претставниците на афирмативниот тим тврдеа дека Владата презема доволно и соодветни мерки за справување со загадувањето. „Mинатата година во нашата земја за првпат се алоцирани средства и се креирани програми за справување со загадувањето кои се позитивно оценети од Европската Унија, рече заменик-министерот Макрадули. Градоначалникот на Куманово изјави дека за првпат ќе се изгради и фабрика за преработка на отпад. „Немаме тешки загадувачи во Куманово, но имаме технички проблеми, па потребна ни е помош заедно да ги решиме“, повика Димитриевски. Директорот на Дрисла Ангелов, пак, тврдеше дека депонијата Дрисла не ја загадува животната средина. „Депонијата Дрисла, за жал нема среќа со континуитет во работењето, низ годините постојано претрпува трансформации. Но, можам да ве убедам дека тезата `Дрисла го загадува Скопје` е неточна“, уверуваше Ангелов.
Негациската страна, пак, аргументираше дека недостигаат соодветни мерки против загадувањето. „Дали мерките сме ги направиле само на хартија? Резултати сè уште не гледаме. Загадувањето во нашата земја ја надминува највисоката дозволена граница 300 дена во годината“, рече Невена Георгиевска од „О2 Иницијатива“. Арианит Џафери од „Еко герила“ изјави дека „33 отсо од струјата се произведува од електраните кои прават значителна штета на природата, а само 0.4 отсо од соларни системи“. Активистот од „Здрава котлина“ Стојан Велков, пак, реагираше дека „концесионерите не вложуваат банкарски гаранции за да се прочистуваат ископините од тешки метали“. „Од правен аспект концесијата е истечена. Моето прашање, но и прашањето на целиот југоисток е кога конечно ќе се одземе концесијата за Иловица-Штука?“, изјави Велков.
Младинскиот образовен форум го организираше „Аргумент: Организирано изразување“ во соработка со Институтот за комуникациски студии, во рамките на кампањата за подобра животна средина „Не игнорирај! Реагирај!“.