poddrska-i-od-pretsedatelot-pendarovski-za-kampanjata-za-podobra-zivotna-sredina-ne-ignoriraj-reagiraj-nastani.jpg

ENG

Кампањата од јавен интерес за подобра животна средина „Не игнорирај! Реагирај!“, која ја реализира Институтот за комуникациски студии (ИКС) доби поддршка и од претседателот Стево Пендаровски. Кампањата која започна во март, во наредниот период ќе се фокусира на постоечките ризици и последици од климатските промени во државата. Со поддршка и учество во активностите на кампањата, претседателот Пендаровски ќе даде свој придонес во подигнувањето на свеста на јавноста и на институциите дека државата треба поактивно да се приклучи во глобалната борба за намалувањето на опасностите од климатските промени.

Според климатските сценарија за нашата земја, во наредните педесетина до сто години не` очекуваат потопли лета, помалку врнежи и неочекувани екстремни временски непогоди, што може да предизвика проблеми во домашното производство на храна, водните ресурси, шумарството, биолошката разновидност, здравствениот систем, туризмот и во културното наследство. Затоа е потребно исполнување на политиките за намалување на климатските промени и спроведување ефективни решенија во секторите кои најмногу придонесуваат во емисиите на стакленички гасови во воздухот, како што се енергетската индустрија, депониите за цврст отпад, патниот сообраќај, производствените индустрии и градежништвото.

Кампањата „Не игнорирај! Реагирај!“ обединува експерти од различни области, граѓански активисти и иницијативи, невладини организации и медиуми. Нејзината цел е да ја подигне свеста за потребата од поефикасно решавање на проблемите од животната средина, како и да го поттикне граѓанскиот активизам кон државните и локалните институции за прифаќање на концептот на одржлив развој. Досега, повеќе од 3.000 граѓани учествуваа во над 50 активности на кампањата кои се реализираа во соработка со факултети, средни и основни училишта, граѓански организации, иницијативи и општини.

Кампањата се реализира во рамките на проектот „Поддршка за добро владеење преку граѓанско учество за поголема транспарентност и отчетност на институциите“, кој е финансиран од Британската амбасада во Скопје.